„За најризични групи ги сметаме оние кои се во затворените установи. Како казнено поправните домови и психијатриските болници каде што имаме долг престој. Со помош на нашата мобилна клиника еднаш годишно на тие луѓе им се прават снимања и доколку имаме сомнителни случаи потоа ги обработуваме микробиолошки“, изјави Сеад Зејнел, директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
Надлежните сметаат дека рано откривање и навремено лекување се клучни за успех во борбата против туберкулоза. На клиниката за белодробни болести се лекуваат неколку пациенти, додека пак децата се на домашно лекување.„Кога ќе се открие некој возрасен болен од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза контактираат со нас и сите контакти кои се деца под 18 години доаѓаат кај нас. Ние им правиме неколку видови испитувања и доколку се утврди постоење на болест се започнува со терпаија. Моментално не лежи ниедно дете на клиника сите се на домашно лекување“, рече Катерина Бошковска од Институтот за белодробни заболувања кај деца „Козле“.
Туберкулозата се смета за најстара болест на човештвото. Во денешно време се опишува како болест на сиромашните. Ги зафаќа неухранетите луѓе и лицата кои не се грижат за личната хигиена.Тоа е заразна епидемиска болест која е предизвикана од бактерија. Најчесто се јавува на белите дробови, меѓутоа може да ги зафати и останатите органи.Иако речиси во сите држави постојат вакцини, сепак, болеста се јавува повремено. Од 2000-та година, па наваму, бројот на нови случаи се намалува секоја година. Според податоците се проценува дека една третина од светското население е заразено со туберкулоза.