Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање го утврди текстот на Предлогот на закон за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата.
Посочено е дека богатството со природни и културни вредности го вбројуваат Кањонот Матка во еден од најрепрезентативните објекти на природата во Република Северна Македонија и се карактеризира со исклучително природно наследство, особено со значајни живеалишта и видови од национално и европско значење.
Целта на Предлогот на закон, како што е соопштено е заштита на геолошките, геоморфолошките, хидролошките, флористичките и фаунистичките карактеристики, коишто се од осoбeно значење за заштита на природата.Владата, на предлог на Министерството за финансии, донесе заклучоци по неколку точки.Владата го утврди текстот на Предлогот на закон за данок на солидарност.
Придонесот за солидарност, според посоченото од Министерството за финансии, треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании, коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар.
Со цел да се изврши корекција на пазарната дисторзија и да се обезбеди редистрибуција на товарот на негативните последици од кризата, како што е објаснето од Министерството за финансии, повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит (Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија).
Воведувањето на овој данок има солидарна функција и ќе обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата.
Утврден е текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стоковите резерви, со примарна цел да се опфати оризот како производ од исклучително значење и да се создадат услови за негово чување како стоковни резерви, во вид на оризова арпа. Владата на денешната седница го утврди и текстот на Предлогот на Законот за изменување на Законот за буџети.