„0 денари“ – е целиот одговор на претседателот Стево Пендаровски на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека користи државни ресурси за да биде реизбран на позицијата. „За кампањата на Пендаровски се користат државни ресурси – дали и анкети и стратегиите за кампањата се платени со народни пари? Стево Пендаровски го погази зборот по којзнае кој пат. Велеше дека нема да се користат државни ресурси во неговата кампања, за сега да бидеме сведоци дека вицепремиерот Бојан Маричиќ со службено возило дојде да се потпише за кандидатурата на Пендаровски, па дури и самиот Пендаровски се појави на промоција на проект кој нема никаква врска со неговите досегашни надлежности и искористи службено возило за да оди на отворање на штаб на СДС. Дали ова не е злоупотреба на државата за партиски цели?
Дали народните пари се трошат за партиските и изборните цели? Дали и колку државни ресурси се потрошени за ангажирање на анкети и стратези за кампањата на Пендаровски? Еднаш кога веќе не си отстои на зборот, зошто јавноста би верувала на чесен збор дека не се трошени државни ресурси во пресрет на кампањата на Пендаровски и во други случаи?!“, реагираа утрово од ВМРО-ДПМНЕ. Вчера Пендаровски цитираше исто така дел од законските одредби според кое тој е обврзан да користи службено возило и придружба за време на целиот негов мандат отфрлувајќи ги и тие обвинувања. Претходно реагираше на слични обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ:
-Претседателот Стево Пендаровски и неговиот кабинет не користеле никогаш странски компании за правење на анкети, стратегии, ниту пак комуникациски услуги од домашни експерти.Така ќе биде и за време на претседателската кампања 2024, нема да се користат ниту странски, ниту домашни комуникациски експерти, ниту пак ќе се нарачуваат анкети.Александар Николоски и ВМРО-ДПМНЕ нека се насочат кон нивните сопствени стратези и анкетари и нека си ги прочитаат анкетите во кои очигледно стои дека во вториот круг победник на претседателските избори ќе биде претседателот Пендаровски.
Александар Николоски најверојатно е последниот функционер од ДПМНЕ кој треба да разговара за платата на претседателот Пендаровски.Нема поголема перверзија за криминал да обвинува вториот човек на партијата која со години е синоним за организиран криминал и чија сметка со години е блокирана, порачаа од тимот на претседателот.