Им се допаднала локацијата во Старата Скопска чаршија и одлучиле да си ја присвојат, а објектот на локацијата кој бил културно наследство и заштитен со закон, со механизација, сред бел ден го рушат со месеци за да отворат простор за свој бизнис.
Станува збор за „Хотел Шар Ан “ кој повеќе не постои, а од утрово полицијата ги лови и приведува единаесетмината осомничени за неговото уништување. Деветмина од нив се најдени и приведени а двајца се во бегство. Извршени се претреси на повеќе локации и според полицијата собрани се голем број на докази.
Единаесетмината се товарат за злосторничко здружување, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство а петмина државни службеници се товарат и за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според официјалните информации од истрагата првоосомничен е претседател на Одборот на директори на акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор Мухамед Љамалари кој ја формирал и организирал криминалната група.
ТОЈ, ИАКО ЗНАЕЛ ДЕКА ХОТЕЛ „ШАР АН“, ШТО СЕ НАОЃА ВО СКЛОП НА СТАРАТА СКОПСКА ЧАРШИЈА, ПРЕТСТАВУВА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО И Е ДЕЛ ОД ЗАШТИТЕНА СПОМЕНИЧКА ЦЕЛИНА И НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРЕДМЕТ НА ПРОДАЖБА, НЕ ГИ ПРЕЗЕЛ СВОИТЕ ЗАКОНСКИ ОВЛАСТУВАЊА ЗА ЗАШТИТА НА ОБЈЕКТОТ, ТУКУ ПОБАРАЛ ОД ДЕЛ ОД ПРИПАДНИЦИТЕ НА ГРУПАТА ДА ИЗВРШАТ НЕГОВО ПРОТИВПРАВНО РУШЕЊЕ И УНИШТУВАЊЕ, СЕ ВЕЛИ ВО СООПШТЕНИЕТО НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО.
Во октомври почнува уривањето. Багери влегуваат на локацијата и сред бел ден, дел по дел, го снемува автентичниот објект Хотел „Шар Ан“.На сцена стапуваат останатите државни службеници чија службена должност е заштита на културното наследство. Иако мораат, намерно не превземаат ништо.
Откако објектот не постои, второосомничениот до Катастарот поднесува барање за купување на парцелата, и со геодетскиот елаборат, кој го прави сопругата на осомничениот Африм Усеини, поранешен заменик директор на Агенцијата за катастар, се прави измена во парцелата која сега станува градежно неизградено земјиште.Штетата според Обвинителството и МВР е проценета на 180 милиони денари а деветмината приведени ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд.