Ова денеска го соопштија од СДСМ, откако пратеникот во германскиот парламент Питер Бејер, кој е од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ синоќа на ТВ Сител рече дека со сигурност знае дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот.
„А Мицкоски пак зборува сосема спротивно од ова пред македонските граѓани. Не само Мицкоски туку и целото ДПМНЕ, заедно со Николовски јавно велат дека се против уставните измени. ДПМНЕ е единствена партија која ги блокира уставните измени и членството во ЕУ во македонското собрание. Едно кажува Мицкоски пред македонските граѓани, друго кажува надвор во Европа и нема став за клучните прашања. На Мицкоски воопшто не може да му се верува“велат од СДСМ.
Германскиот пратеник денеска на неговиот фејсбук-профил напиша дека рекол дека е подобро уставните измени да се случат што поскоро и дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема е познат.Во вчерашното интервју на Сител, Бејер рече дека со сигурност знае дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, но и дека имаат аргументи и причини зошто велат не сега, а тоа, како што посочи, е поради процедурите за негова промена, но, исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници.