Собранието е претставнички дом на граѓаните и место каде треба да се натпреваруваме со идеите за подобар квалитет на животот на сите граѓани, а не со насилство, порача пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ во својата изјава по повод 27 април, годишнината од крвавиот четврток во Собранието.
-Можеме да имаме различни ставови по секое едно прашање и да ги спротивставуваме своите аргументи за тоа, но никогаш повеќе не смееме да дозволиме пратениците, собраниските служби, новинарите и медиуските работници на најбрутален и насилнички начин да бидат нападнати и да им биде загрозен животот токму тука, во она што треба да биде храмот на демократијата – рече Шкријељ.
Таа посочи дека пратениците треба да покажат дека државата ја сакаат со ум, а не со насилство. Како и дека треба да се спротивстават на политиките на делби и ширење омраза.
-Да не дозволиме повторно газење врз слободата, врз демократијата, пресметување со неистомисленици, напади врз новинари. Со заедништво и јасна визија да ја придвижиме државата кон она што сите го заслужуваме, европска иднина! Нема откажување од иднината – порача Шкријељ.