Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, изјави дека „нема сомнеж“ оти Србија мора да се сврти кон Западот. Според изјавите кои дипломатот ги искажа денеска, Србија тоа мора да го направи заради своите деца.Смета дека новата генерација овде на некој начин веќе покажала што мисли.
„Многу млади луѓе од Србија одат на Запад, не гледам дека одат на исток. Затоа, мислам дека е сосема јасно каде сака да оди Србија“, рече тој.
Хил додаде дека САД ја ценат Србија како партнер и ги поддржуваат нејзините аспирации да стане полноправна членка на ЕУ.
„Би сакал да видам дека Србија, нашиот пријател и партнер, може еден ден да донесе одлука за влез во НАТО“, рече Хил.
Тој рече дека е свесен за товарот од минатото и за она што се случи во 1999 година и посочи дека би сакал да ја види Србија како рамноправна членка на Северноатлантската заедница.
„Знам дека на Србија ќе и биде тешко да се одлучи за такво нешто, но тоа ќе биде мојот фокус во напорите за приближување до Србија“, рече тој.
Хил повтори дека ставот на неговата земја и на ЕУ е дека Србија треба да се приклучи кон санкциите против Русија и беше прашан дали новата влада на Србија ќе го толерира одбивањето да воведе санкции.
„Јасно ми е дека за Србија прашањето за санкции е сложено од историски причини, но на сите мора да им биде јасно што направи Русија“, рече тој.
Во врска со настаните околу Европрајд во Белград, Хил рече дека и самиот ќе биде таму „во одредено својство“.
Тој, исто така, истакна дека му е јасно дека „многу Срби со различни мислења“ се против одржувањето на Европрајд.
„Морам да кажам дека многу земји, вклучително и Србија, постигнаа голем напредок по ова прашање и сметав дека организирањето на настан како Европрајд е можност Србија да покаже колку труд вложила за да покаже почит кон луѓето со други верувања. “, рече тој..