Приведено лице од Скопје, го признало кривичното дело
На 27.09.2022 во 20.40 часот на бул.„Мајка Тереза“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Центар ја лишиле од слобода Џ.И.(21) од Скопје. Таа се сомничи дека истиот ден, заедно со уште едно лице, со употреба на погоден предмет влегле во куќа во населбата Маџир Маало и одзеле разни предмети, меѓу кои и гасен пиштол и куршуми.
Со неа бил извршен службен разговор, при што го признала делото. Кај неа биле пронајдени и одземени предметите поврзани со кривичното дело. По целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.
Приведен крадец баран по потерници за извршени шест кривични дела
На 27.09.2022 во 19.00 часот на подрачјето на Центар-Скопје, полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје го лишиле од слобода А.И.(20) од Скопје, поради сомнение дека сторил кривично дело „кражба“ по член 235 од Кривичниот законик. Кај него биле пронајдени предмети и лични документи кои потекнуваат од кривични дела.
По извршена дополнителна проверка било констатирано дека пријавениот се бара по неколку потерници поради постоење основано сомнение за сторени шест кривични дела во периодот од 06.05.2022 до 27.09.2022 на подрачјето на СВР Скопје, од кои три кривични дела „тешка кражба“ казниви по член 236 од Кривичниот законик и три кривични дека „кражба“ казниви по член 235 од Кривичниот законик.
За настанот бил запознаен Јавен обвинител и по целосно комплетирање на случаите против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Приведен скопјанец баран со централна потерница за издржување казна затвор од 3 години
Денеска (28.09.2022) во 11.50 часот на кејот на Вардар, во населба Момин Поток во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Т.С.(76) од Скопје.
Тој бил баран со централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од три години за сторени кривични дела по член 247 и член 236 од Кривичниот законик.
Лицето ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.
Кривична пријава против скопјанец за даночно затајување
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ф.Б.(54) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување”. Пријавениот, во текот на 2021 на неговата трансакциска сметка примил 9.714.945 денари, но не пријавил и платил данок на личен доход во износ од 10% од вкупниот остварен доход. Односно Ф.Б. не поднел задолжителна годишна даночна пријава до УЈП и не платил данок на личен доход од 971.494 денари и за тој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.