Гомбрович на македонски
Почнав да го читам Дневникот на Гомбрович на македонски јазик. На мали прескоци, зашто на српски и на хрватски веќе имам “раскупусено” повеќе изданија. Сакам да кажам дека не ми е важна содржината затоа што веќе сум ја конзумирал во неколку нивоа на читање. Важен ми беше преводот и општата продукција.
Можам, како експерт за Гомбрович, да упатам честитки за преведувачот Филип Димевски, кој не само што добро плива во стилските сложености, лексичките бравури и изразните мајстории на големиот Витолд, туку ни го принесува македонскиот јазик во можностите на еден светски феномен. Јас го критикував јазикот за скромната книжевна продукција и ужасниот јавен дискурс кај нас, но кај феноменалниот превод на Пруст од страна на професорот Марјановиќ, а,еве, сега и кај Филип, разбрав дека поголем дел од критиката треба да се насочи кон творештвото кое нема моќ да го изнесе јазикот и да се изнесе себе си до високите нивоа на духот.
Убаво и корисно е што поместиле објаснувачки фусноти за личности, дела и настани.
Опремата е добра, тврди корици, кремаста шамоа, пристојна грамажа, чист печат. За некој поголем и побогат пазар Гомбрович сигурно би одел во полуксузно издание. За 400 примероци ова е повеќе од добро.
Ова што ја добив е првата книга која го покрива периодот на животот на Гомбрович од 1953 до 1958 година. Тоа значи дека ќе има најмалку уште еден том.
Честитки за издавачката куќа Бегемот.
Не е едноставно, макар и со помош на Министерството за култура, да се зафатиш со ваков подвиг среде тенденциите за општо заглупавување на нацијата. Молам, можеби со оваа книга и со целокупната своја програма и продукција, ќе придонесат тенденциите да се свртат. Честитки и за лектурата на Ирена Ралева, јазичната редакција на Лидија Танушевска и графичкото уредување на Ѓорѓе Јовановиќ. Се разбира и за печатницата Графоден од Скопје
Од мене како читател и почитувач на Витолдо, благодарност до Фондот за книжевни проекти од Централна и Источна Европа со седиште во Амстердам, кој го помигна оваа издание.
И уште една напомена: Секој човек кој се смета за културен, особено пак оние кои освен што се сметаат за културни имаат и амбиции да се замимаваат со општите работи, мора да ја имаат оваа книга во својот дом и во својот кабинет. Би морале да полагаат испит по Гомбрович пред да станат министри, новинари или професори. Секое семејство треба да ја има. Дневникот на Гомбрович е литература, политика, аналитика, светоглед, филозофија, психологија, уметност…со други зборови, се што ви е потребно за да изградите свест и да не дозволите џукели да ве водат и заебаваат користејки го националното прашање како лепак за муви.