Португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо треба да потпише две и полгодишен договор со саудискиот клуб Ал Наср и ќе стане најплатен спортист во светски рамки, објави денеска шпанскиот весник Марка.Роналдо минатиот месец предвреме ја заврши соработката со Манчестер јунајтед по интервју во кое го откри своето незадоволство во премиерлигашот и неговиот тренер Ерик тен Хаг.Португалскиот фудбалер во моментов е со својата репрезентација на Мундијалот во Катар и постигна гол во воведното коло со што стана прв играч во историјата кој се запишал во листата на стрелци на пет светски првенства.Според шпанскиот весник, 37-годишниот Роналдо во клубот од Саудиска Арабија ќе заработува близу 200 милиони евра по сезона, плус дополнителни премии, со што ќе стане најплатен спортист во светот.