Порано или подоцна тоа ќе биде многу појасно. Мислам дека не е само партијата Левица дел од тоа сценарио, вели експремиерот
Поранешниот премиер и некогашен специјален претставник на Владата во спорот со Бугарија, Владо Бучковски, смета дека Русија имала влијание врз антибугарските протести кои изминатиот период се одржаа во Скопје, но и зад најавата за референдум за поништување на Договорот за добрососедство.
Во изјава за новинската агенција БГНЕС, тој вели дека Левица не е единствената која е дел од ова сценарио зад кои стои и Русија.
„Вие протеравте повеќе од половина руски дипломати овде од амбасадата во Софија. Ние, исто така, протеравме неколку дипломати. Јавна тајна е дека Русите работат подолго време на дестабилизација на државите од Западен Балкан. Јас сум убеден дека и во Македонија се фатија на она што сметаат дека може да предизвика најмногу емоција кај просечниот Македонец, а тоа е македонско-бугарските односи. Мислам дека и зад протестите и зад најавата за референдумот има руско влијание. Порано или подоцна тоа ќе биде многу појасно. Мислам дека не е само партијата Левица дел од тоа сценарио“,
вели Бучковски.
На прашање дали по прифаќањето на францускиот предлог, сега се влегува во нова фаза, поранешниот премиер вели дека смета оти Македонија ќе го имплементира предлогот и оти во 2030 година ќе стане дел од ЕУ.
„Повеќе пати сме говореле на оваа тема. Отсекогаш сум бил оптимист дека нема враќање назад. Ќе одиме само напред. Имаше проблеми, тапкавме во место, не одевме напред, но никако не се вративме назад и ќе продолжиме напред. Јас сметам дека тоа што го говори нашиот премиер реално и со ваша поддршка сега, затоа што сум убеден дека Македонија ќе го имплементира т.н. француски предлог, здравје Боже 2030 година можеме да бидеме дел од ЕУ – имајќи предвид дека мислам оти војната во Украина сите ги отрезни, пред сè Eвропејците дека не треба да забораваат на Западниот Балкан и процесот на проширувањето“,
вели Бучковски.
Во изјавата тој вели и дека е задоволен што на официјално ниво и во периодот на премиерите Кирил Петков и Бојко Борисов, како и за време на техничките влади, двете земји ги задржале добрите односи и ги координирале односите.