Трговците се правдаат дека банкарската провизија им ја јаде заработувачката, а на оние што не скенираат фискални сметки, секое намалување им е добредојдено. Ваквите појави не се во согласност со елиминацијата на готовите пари во оптек и омасовувањето на безготовинското плаќање, а граѓаните свесно ја поткопуваат сивата економија
Во обид да го зголемат прометот, трговците почнаа да фрлаат нова мамка – 20 отсто попуст за купената стока, ама да не им барате фискална сметка и да платите во готово. Се разбира дека ваквата „непристојна понуда“ не се упатува секому, а трансакцијата се одвива внимателно, оти е незаконска. Трговците се правдаат дека банкарската провизија им ја јаде заработувачката, а на оние што не скенираат фискални сметки, секое намалување им е добредојдено. Ваквите појави не се во согласност со елиминацијата на готовите пари во оптек и омасовувањето на безготовинското плаќање, а граѓаните свесно ја поткопуваат борбата против сивата економија. Од друга страна, и по дваесет години од воведувањето на пластиката, кај дел од трговците ПОС-терминалите служат само за украс.
Од Централната банка претходно за „Слободен печат“ посочија дека се преземени низа мерки за поттикнување на безготовинското плаќање вклучително и за намалување на трошоците на трговците за наплата на нивните стоки и услуги со картички.
– Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за првпат се врши ограничување на висината на надоместоците што банката што го поставила ПОС-уредот кај трговецот ги плаќа на банката што ја издала платежната картичка, која се користи на ПОС-уредот, како дел од трошокот што влијае врз висината на надоместокот што трговецот го плаќа на банката за користење на ПОС-терминалот, а со тоа и на неговиот интерес за прифаќање на платежните картички. Висината на овие надоместоци постепено ќе се намалува и на почетокот на 2025 година не смее да биде повисока од 0,2 отсто од вредноста на платежната трансакција извршена со дебитна платежна картичка, односно од 0,3 отсто кај кредитна платежна картичка, со што ова ограничување ќе се изедначи со европските правила. Ова се очекува да ги намали трошоците за давателите што поставуваат ПОС-уреди кај трговците, кое понатаму би резултирало со намалени надоместоци за трговците што прифаќаат плаќања со платежни картички. Тоа, пак, би ги поттикнало трговците што немаат поставено ПОС-уреди на своите продажни места да почнат да прифаќаат платежни картички, што на крајот би придонело за поголемо користење на паричните средства на платежните сметки на граѓаните, како и за намалување на готовинското плаќање – ни објаснија претходно од НБРСМ.
Од 2018 година НБРСМ прибира и објавува годишни податоци за надоместоците што банките ги наплатуваат од трговците за користење на ПОС-уредите. Според нив, во 2022-та, просечната банкарска провизија за трговците изнесувала 1,13 отсто од вредноста на прометот, што е помалку за 0,06 п.п. во споредба со 2021 година. Најголемо намалување се забележува кај провизиите за плаќањата на бензинските пумпи и на јавните и комуналните услуги (за 0,19 п.п.) и во електронската трговија (за 0,14 п.п.).
Според податоците што „Слободен печат“ ги доби од Управата за јавни приходи, лани во земјава имало вкупно 70.318 активни фискални апарати, додека бројката на активни фискализирани даночни обврзници била 37.057. Даночните инспектори лани извршиле 4.257 контроли на фискалниот систем и на опремата во повеќе градови од земјата, вклучително и во Скопје, а поразителниот факт е дека кај 50 отсто се констатирани неправилности.
– Најчестите неправилности се неиздавање фискални сметки за извршениот промет, незакупена или нерегистрирана резервна фискална апаратура, неводење книга за дневни финансиски извештаи, невоведен и некористен одобрен фискален систем, неиздавање парагон блок, неприкажан промет од македонски производи и неисправен фискален апарат – детализираат од УЈП.
Намалени даноци, борба против корупцијата и сивата економија, но и проверка каде се применува фискализацијата по толку време, а каде не се применува, меѓу другото најави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, претставувајќи ја економската програма во Стопанската комора на Македонија.
Околу 500 илјади граѓани скенираат сметки
Секој граѓанин може да добие и до 2.100 денари назад на својата сметка со едноставно скенирање фискални сметки за едно тримесечје. Проектот „Мој ДДВ“ го користат над половина милион македонски граѓани. Проектот „Мој ДДВ“ почна пред пет години.
Граѓаните што имаат проблем со читање на баркодовите од фискалните сметки, проблемот можат да го надминат ако ваквите сметки ги прочитаат на апаратите на киосците и баркод читачите кои, велат, функционираат беспрекорно и многу подобро од читачите на телефоните, а постои и можност баркодовите на ваквите нечитливи сметки да се внесат рачно за што корисникот треба да се упати во некои од регионалните и подрачните канцеларии на УЈП.