Фадил Зендели Фото: МИА
Некомплетирана Државната изборна комисија (ДИК) пред избори е една од варијантите на кои „типува“ владејачката Алијанса, која одбива да и го отстапи местото во Комисијата на албанската опозиција откако поранешниот член на ДИК Кренар Лога стана министер за правда.
Државната изборна комисија (ДИК) најверојатно во нецелосен состав ќе ги спроведе парламентарните и претседателските избори в година. Ова e една од опциите откако собраниската Комисија за избори и именувања констатира дека Абдуш Демири, кандидат на опозициската Беса, не ги исполнува условите за член на ДИК. За избор на член на ДИК е потребно двотретинско мнозинство, кое според распоредот на силите во Собранието засега го нема ниту кандидатот на владејачката Алијанса за Албанците Зулфи Адили, иако го помина комисискиот филтер. Како што веќе објави „Слободен печат“, некомплетирана ДИК пред избори е една од варијантите на кои „типува“ владејачката Алијанса, која одбива да го отстапи местото во Комисијата откако поранешниот член на ДИК Кренар Лога стана министер за правда.
На огласот за член на ДИК се пријавиле петмина кандидати: Берат Даути, Абдуш Демири, Роберт Трајковски, Зулфи Адили и Самир Раќипи. Претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска, информира дека собраниската процедура може да ја поминат тројца од кандидатите, додека Демири и Трајковски не ги исполнуваат условите за член на ДИК поради некомплетна документација. Георгиевска посочи дека Демири не ги исполнува условите, бидејќи навел дека е генерален секретар на Беса, а според Изборниот законик член на ДИК не смее да биде член на партиски орган. Исфрлањето од игра на кандидатот од Беса, предизвика жестока кавга и обвинувања од пратеникот Фадил Зендели дека власта сака да го манипулира изборниот процес и си поигрува со највисокиот изборен орган.
– Нема да ви помине, не ми е јасно зошто играте со законот, со изборите. Зошто играте по игрите на ДУИ, играте со ДИК. Демири ги исполнува сите услови. Се прашувате ли каква порака испраќате? Која ви е целта? Вие од СДСМ и од НСДП сте искусни луѓе. Претседателке, заедно со претседателот на Собранието Талат Џафери го блокирате изборот на член на ДИК. Ова ли е демократија? Јас лично се консултирав со сите пред да ги доставиме документите, а по консултација, документите се доставени во архива, не знам како може толку ниско да играте – праша Зендели.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски рече дека власта изборот на член на ДИК го одолговлекува 11 месеци.
– По изборот на Лога за министер, Џафери требаше во рок од 30 дена да распише оглас за член на ДИК. Имаме многу чиста позиција бидејќи во законот пишува член на ДИК треба да биде претставник на опозицијата и сега поради несогласувањата во Алијанса, која не знае дали сака да е опозиција или не и дали ќе одат на заеднички листи со ДУИ, се тактизира. Ако сакаме да имаме фер избори, треба членот да е од албанската опозиција. Ако сакате да ги манипулирате изборите, тогаш албанската опозиција не само што ќе ја оставите без член на ДИК, туку и без претставници во избирачките одбор, па ќе полните кутии – рече Милошоски.
Претседателката на Комисијата покажувајќи ја доставената биографија рече дека кандидатот сам посочил дека во моментот на подготовката на биографијата ја извршува функцијата генерален секретар на Беса.Зендели инсистираше претседателката да каже кој од условите Демири не ги исполнува, бидејќи во пријавата на огласот доставил и изјава заверена на нотар дека повеќе не е член на орган на политичка партија.
– Работите според објави на Фејсбук, ја лажете и ја манипулирате јавноста, а имате доставено нотарска изјава. Ова е државен и удар врз Уставот. Си играте со многу важна институција што ги менаџира изборите – рече Зендели.
Георгиевска повтори дека во биографијата напишана лично од Демири е наведено дека тој тековно, до денот на огласот, е генерален секретар на Беса.
Арбен Зибери од ДУИ му рече на Зендели да „не глуми лудило“ и го потсети дека и претседателот Џафери неколкупати им порачал да го читаат законот наместо да се расправаат со него. Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски рече дека и сега на веб-страницата на Беса, Демири фигурира дека е генсек на партијата.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски посочи дека според Изборниот законик, испразнетото место во ДИК и припаѓа на албанската опозиција и побара претседателката на Комисијата да ја провери документацијата на Демири, односно дали има нотарска изјава дека не е ген-сек и побара еден час пауза. Георгиевска одговори дека според документите, Демири е актуелен генерален секретар на партија.
Џафери: Ако нема двотретинско мнозинство за ДИК, Цацко ќе е крив
Дека е можно ДИК во нецелосен состав да ги спроведе изборите навести и Џафери во интервју за ТВ 24.
– Наместо опозицијата да обезбеди двотретинско мнозинство, тие се караат со сите во Собранието и после крив им е Цацко. Не е крив Цацко, во политиката ако се такви предусловите треба да се обезбеди поддршка – рече Џафери и додаде дека ако се обезбеди двотретинско мнозинство ДИК ќе биде комплетна, во спротивно и без еден член може да се носат одлуки во ДИК.