Адвокатот Васко Стојков го однел осомничениот Љупчо Палевски во Белград и не знаел дека тој е одговорен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Вака изјавил адвокатот Стојков во телефонски разговор за Телма зошто бил со осомничениот Љупчо Палевски Палчо кога тој избегал од државата.
Адвокатот Стојков, како што објави Телма, му пратил порака на Палевски да се врати и да даде исказ затоа што станува збор за сериозна работа. Тој за Телма рекол дека сѐ кажал во полиција и дека од тогаш повеќе немал контакт со Палевски, со кого биле и пријатели. Стојков рекол дека имал добра намера да му помогне и дека после сѐ се чувствувал злоупотребено.
Како што информиравме претходно денеска, осомничениот ја напуштил државата со автомобил и се упатил во Белград, а од таму за Бугарија. Полицијата му ја следи трагата, но не открива каде е сега тој.