.
Со цел заштита на планинското подрачје установата неделава донесе одлука за забрана на движење на ваква механизација, освен по две регулирани патеки кои водат кон Вакавски бачила и месноста Лешница.
И покрај многуте обиди со Тур-операторите кои ги носат туристите не успеавме да најдеме заедничко решение оти нив ги интересира профитот, а нас заштитата на Шара, велат од установата која изминатиов период има собрано докази кои како што изјавија се повеќе од доволни за поднесување на прекршочни и кривични пријави за уништување на планината.
„Дејноста како дејност пред да се прогласи Шара за Национален парк беше дозволена и кога се прогласи беше дозволена, но беше договорено дека таа дејност да се одвива во услови кога има снег. Но, по она што се случува гледаме дека не е така. Се вози и во услови кога нема снег, значи тоа не се почитува. Ратраците како дејност се движат надвор од тие патишта кои се дозволени. Ратракот го остави скијачот на одредено место и потоа го зема од друга точка и по таа рута таа механизација остава пустош зад себе. Има 27 ратраци на Попова Шапка тие не циркулираат постојано, тие се користат како делови за одредени машини, еден ратрак ако се расипе од друга машина се зема некој дел и така тие си функционираат. Инаку до 8 машини функционираат на ден. Ние сме разговарале со Тур- оператори, но не сме нашле заеднички јазик оти ние сакаме да ја зачуваме планинината, а нивниот интерес е бизнис интересот, тоа е што повеќе денови скијачки. Секоја одлука или решение кое што сме го понудиле тие не го почитуваа.Јас им препорачувам туризмот да го редизајнираат, како турно скијање, планинарење и слично. Ратракот може да ги однесе туристите до некој точка, но понатака не смее да се движи во високопланинските пасишта“, изјави Анела Панајотова од Националниот парк Шар Планина.
Тур-операторите кои се занимаваат со години со овој вид туризам на Попова Шапка, велат дека невозможно е да продолжат со оваа дејност под услов да возат со ратраците само на две патеки. Овој вид туризам подразбира носење на скијачите на повисока точка и потоа земање на истите од пониска точка.Државата со ваквата одлука го уништува туристичкиот потенцијал на Шара која скијачи од целиот свет ја избираат како дестинација подолг период.
„Проблемот е што скијање со ратраци, водечкиот производ на Шара кој што носи туристи, нешто кое беше објавено во многу странски медиуми, производ кој е единствениот кој носи туристи на Шара во услови кога нема туристи поради недоволната снежна покривка на Попова Шапка сега се укинува. Во моментов на Шара работаат три хотели и таму престојуваат туристи од странство. Ако нема опција да се направи систем на патишта на снег каде ќе се оставаат од повисока на пониска точка и ако се движите по една линија, тоа се вика панорама, не се вика скијање.Тоа се луѓе кои ја избираат Македонија за скијање, можеле да одат на друго место, но решиле тука да дојдат“, вели Методи Чилиманов еден од Тур операторите на Шара кои организираат слободно скијање.
На Попова Шапка и во моментов има туристи кои дошле на центарот за слободно скијање.
„Но сега истите се затечени од ваквата состојба, не го добиваат тоа за што се дојдени. Ќе се обидеме да им понудиме некоја алетрантива, со цел да не се вратат со лош впечаток, вели Чилиманов.
Бројките говорот дека во текот на една сезона на Попова Шапка има над 6 000 ноќевање од странски туристи кои доаѓаат на центарот токму поради слободното скијање, кое со најновата одлука е невозможно да се организира, се жалат Tур операторите.Се надеваат дека во периодов што следи ќе најдат заедничко решение со Националниот парк Шар Планина и понатака оваа дејност да се одвива на Шара, без да и се наштети на природата.