Поефикасно и економски поисплатливо искористување на производствениот капацитет на АД „ТЕЦ Неготино“, порационално управување, искористување на оперативниот, производствен и управувачки персонал, ова се причините кои ги наведува државната компанија „Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) за присоединувањето на АД „ТЕЦ Неготино“ кон ЕСМ, по направената анализа за оправданоста од присоединувањето.
„Енергетската криза од 2021 година претставува пресуден аргумент за нужноста од интегрирањето на АД ‘ТЕЦ Неготино’ во рамки на АД ЕСМ Скопје, како од аспект на диверзификација на ризик, така и од аспект на стабилност и континуитет во производството на електрична енергија на државно ниво. Исто така треба да се има во предвид дека двете компании се лиценцирани за производство на електрична енергија, па ваквиот предлог за статусна промена – присоединување на АД ‘ТЕЦ Неготино’ кон АД ЕСМ – Скопје е целосно оправдан и реализиран, се вели во соопштението до медиумите.
Во него се додава дека кога започна енергетската криза, македонската Влада даде согласност на АД ЕСМ да го активира со работа ТЕЦ „Неготино“ за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза, и заклучно со 2022 година произведени беа 412.692 MWh електична енергија, а заклучно со 31 декември 2023 година произведе 346.248 MWh.
„Произведената електрична енергија во ТЕЦ ‘Неготино’, за време на енергетската криза, АД ЕСМ ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел за потребите на АД МЕПСО, а дел ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата“, посочуваат од ЕСМ.