Што се однесува до албанскиот политички блок ДУИ после долги години е исправена пред предизвик – здружената албанска опозиција, сметаат упатените.Експертите очекуваат Зијадин Села да се приклучи кон т.н Европски фронт на Али Ахмети.
„Нема никаква предизборна математика Села да настапи сам и логично е дека тој би се приклучил кон фронтот на Ахмети, каде што веќе како што гледаме тој фронт се проширува и дуи прв пат по 2006 година прави широка коалиција. За волја на вистината со некои мали партии внатре, но тоа што е новина е тоа што турска и ромска партија за прв пат се приклучуваат на една таква коалиција, кои традиционално биле во коалиција со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Идејата на Ахмети е да го прошири гласачкото тело или потенцијалот за собирање гласови не само кај Албанците, туку надминувајќи ја и етничката припадност“, рече аналитичарот Сефер Селими во вечерашната Топ Тема на Телма.
Според аналитичарот Благојче Атанасовски, ДУИ за прв пат чувствува дека може да има некој сериозен противник на овие избори.„Од ДУИ сфатија дека тоа обединување кај етничко албанската опозиција може да претставува проблем бидејќи ниту еден глас нема да изгори, што се вели по изборна единици, и затоа тргна во создавање на тој фронт. Мислам дека во наредните неколку денови Села, кој беше лидер на АА и главен опозиционер на ДУИ ќе мора да калкулира да се приклучи на коалицијата предводена токму од ДУИ, бидејќи друга опција нема“, рече аналитичарот Благојче Атанасовски за ТВ Телма.