Пратеничката на СДСМ Санела Шкријељ по повод 27 април, годишнината од крвавиот четврток во Собранието, во својата изјава пред Собранието изјави:
– Собранието е претставнички дом на граѓаните и место каде треба да се натпреваруваме со идеите за подобар квалитет на животот на сите граѓани, а не со насилство. Можеме да имаме различни ставови по секое едно прашање и да ги спротивставуваме своите аргументи за тоа, но никогаш повеќе не смееме да дозволиме пратениците, собраниските служби, новинарите и медиуските работници на најбрутален и насилнички начин да бидат нападнати и да им биде загрозен животот токму тука, во она што треба да биде храмот на демократијата.
Како пратеници, треба да покажеме дека државата ја сакаме со ум, а не со насилство. Да се спротивставиме на политиките на делби и ширење омраза, да не дозволиме повторно газење врз слободата, врз демократијата, пресметување со неистомисленици, напади врз новинари. Со заедништво и јасна визија да ја придвижиме државата кон она што сите го заслужуваме, европска иднина!
Нема откажување од иднината!