Претседателството на Европската Унија во ова полугодие ќе го има Шведска, која сега веќе ги обелодени нејзините приоритети. На чело на нив e војната во Украина, конкуренцијата, зелената и енергетската транзиција, демократските вредности и владеењето на правото, а кај ова последново се очекува да се третираат прашањата на Западниот Балкан, пренесува Порталб.мк.Државниот секретар на Секретаријатот за Европски Прашања, Дрита Абдиу Халили, за Порталб.мк изјави дека при презентацијата на приоритетите на шведското претседателство со Советот на Европската Унија, беше нагласено дека односите со Западниот Балкан и процесот на проширување на Европската Унија ќе бидат меѓу значајните прашања на ова претседателство, особено имајќи го во предвид безбедносниот аспект за целата Европа. Со ова, според неа, се потврдуваат очекувањата на земјава за постојана поддршка во интеграцискиот и реформаторниот процес од страна на Шведска, поддршка која нашата држава ја добивала постојано од оваа пријателска држава. Освен тоа, подвлекува Халили, Шведска дава поддршка и со конкретни проекти преку помошта за развој и реформи.

„Безбедноста, конкурентноста, зелената и енергетската транзиција, демократските вредности и правната држава. Овие се приоритетите на Шведското Претседателство на Советот на Европската Унија во првата половина на 2023 година. Шведска го презема претседателството во време на историски предизвици за земјите членки на Европската Унија во целост. Незаконската, неприфатлива и непровоцирана окупација на Русија кон Украина е закана за европската безбедност, со тешки последици во однос на миграцијата, како и глобалното снабдување со храна и енергија. И покрај предизвикувачкиот период во кој Шведска го презема претседателството, ние очекуваме дека таа ќе биде фокусирана на зајакнување на врските и соработката со соседните земји на ЕУ кои го започнале процесот на членство, но и со тие земји кои не се вклучени во овој процес“, нагласува Халили.Што се однесува до скринингот со Европската Комисија, Халили вели дека очекуваат истиот да продолжи со динамиката според предвидената агенда.

   

„Досега сме го завршиле образложниот и билатерален скрининг за првиот кластер „Фундаменталните Вредности“, додека на крајот на јануари ќе продолжиме со билатералниот скрининг за вториот Кластер – „Внатрешниот пазар“. Завршувањето на скринингот за Северна Македонија се очекува да се случи во ноември годинава, и секако дека од страна на шведското претседателство со Советот на Европската Унија очекуваме поддршка и уште поголемо туркање што се однесува до овој процес“, рече Халили.Според предвиденото во Преговарачката Рамка за Северна Македонија за отворање на преговорите за членство во Европската Унија, нагласува Халили, нашата земја треба до крајот на скринингот да ги изврши потребните уставни измени, односно вклучувањето на следниве народи: Бугари, Црногорци и Хрвати во Уставот, што претставува главен политички услов или компромис кој нашата земја е задолжена да го исполни за да го продолжи евроинтеграцискиот процес, а за да се направи ова секако дека треба да се има поширок политички и општествен консензус.

 

За разлика од Халили, Малинка Ристевска Јорданова, од Институтот за европски политики, во последната анализа за Порталб.мк што беше објавена деновиве, смета дека програмата на Шведска за Западен Балкан е шкрта, бидејќи нема наведено конкретни чекори.Таа додава дека приоритетите на шведското претседателство не се изненадување. Тие се континуитет на приоритетите на чешкото претседателство, секако со истакната шведска боја. Концизната програма навестува фокусиран ангажман на административниот апарат и искусната дипломатија на оваа нордиска земја. Меѓутоа, далеку од тоа дека се очекува претседателствувањето да мине без предизвици. Некои од нив доаѓаат од самата политичка констелација внатре во Шведска, а повеќето – од меѓународните констелации и состојбите во ЕУ.

   

     

„Четвртиот и очекуван приоритет се демократските вредности и владеењето на правото. Нагласена е борбата против организираниот криминал, но и емиграциското прашање. Секако дека преку призмата на овој последен приоритет ќе бидат оценети и односите со Западниот Балкан, како што е наведено во програмата. Инаку, Програмата е прилично шкрта на зборови во однос на проширувањето и Западниот Балкан, велејќи дека ќе го продолжи „интеграцискиот процес за државите од Западниот Балкан“, со поддршка за реформите во пристапниот процес, секако приоретизирајќи ги судството и владеењето на правото. Меѓутоа, како и многу пати досега, идната активност на претседавачот не може да се предвиди само по шкртоста или богатството на ветувањата, туку по конкретните чекори. Оттаму, може да се очекува внимателност, но и доследност“, подвлекува Ристевска.Шведска, додава Ристевска Јорданова, има јасна стратегија за поддршка на реформите во регионот и силно е присутна преку нејзините дипломатски претставништва и имплементацијата на посебната Програма за поддршка на реформите – СИДА.

„Оттаму, тековниот претседавач со ЕУ е и добар познавач на состојбите на Балканот. И во нејзината професионална машинерија ангажирана за Претседателството се искусни дипломати кои го знаат Балканот, а меѓу нив и државниот секретар за европски прашања Кристијан Даниелсон, меѓу другото, и како поранешен генерален директор во Генералниот директорат за проширување“, вели Ристевска.Меѓутоа, според неа, иако аналитичарите проценуваат дека Западниот Балкан ќе биде во сенка на војната во Украина и следниве шест месеци, Шведска ќе мора да се соочи и со кризите што тлеат на Балканот, а ЕУ веќе подолго време е во модусот на „гасење на пожарите“, пред сѐ – состојбите на северот на Косово и во Босна и Херцеговина.Инаку, по 17 години Северна Македонија на 19 јули минатата година започна преговори со ЕУ со одржување на меѓувладината конференција.

Францускиот предлог за решавање на грчот Бугарија – Северна Македонија за отварањето на евроинтеграциските преговори, во земјава пристигна на 30 јуни.Веднаш по усвојување на Францускиот предлог во Собранието на Северна Македонија, на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Албанија со Европската Унија. Преговорите нема да започнат сè додека не се извршат уставните измени од страна на Македонија, кои за да се изгласаат во Собрание потребно е дво-третинско мнозинство пратеници, кои власта не ги има, затоа треба поддршка од македонската опозиција, која најави дека нема да гласа за уставните измени, дури и ќе се спротивстават со протести.

Потсетуваме дека пред да се повлече ветото, отпочнувањето на преговорите со Европската Унија за Северна Македонија постојано се блокираше од страна на Бугарија. Официјална Софија бараше од Скопје да ги прифатат бугарските барања дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и дека мaкeдонскиот народ е формиран од Јосип Броз Тито. Овој спор го блокираше цели две години евроинтеграцискиот процес на земјава, со што Бугарија во текот на 2021 година два пати и стави вето на Северна Македонија, еднаш во јуни, а потоа, на 14 декември 2021 година, со што уште еднаш го блокираше почнувањето на преговорите РСМ-ЕУ.