Организацијата БЕСТ Скопје го најавува Инженерскиот натпревар – ИН 2022, преку кој студентите на УКИМ ќе може да ја покажат својата иновативност и креативност со решавање на реални проблеми и да се стекнат со нови вештини за подобрување на логичкото размислување. Натпреварот ќе се одржи во периодот од 12 до 19 декември и е поделен во две категории – Студија на случај и Иновативен дизајн. Како што информираа од организацијата, Студијата на случај се фокусира на теоретско решавање на одреден проблем од инженерството кој треба да се поткрепи со факти и да се презентира како изводливо решение, а оваа категорија се стреми кон спојување на веќе постоечки технологии со цел да се дојде до решение кое ќе биде најоптимално и најекономично.
Во категоријата Иновативен дизајн, пак, натпреварувачите треба да смислат ново или да надоградат веќе постоечко решение за проблемот. Заедно со презентацијата треба да се направи и прототип за дизајнот, односно практично да се имплементираат идеите за разрешување на проблемот. Задачите и проблемите ќе бидат зададени од страна на партнер-компанија чии претставници ќе ги следат и оценуваат проектите заедно со професори од техничките факултети при УКИМ. За учество во натпреварот е потребно да се формира тим од три до пет студенти кои ќе работат на решавање на дадениот инженерски проблем. Студентите може да се пријават и индивидуално, а организацијата ќе формира тим за време на натпреварот.
„Запознавањето со експерти од различни индустрии е клучно за кариерниот развој. БЕСТ Скопје се стреми кон поврзување на техничките компании со студентите од техничките науки. Токму ИН 2022 ти дава можност да стапиш во контакт со партнер-компанијата, а со тоа и полесно да ти биде понудено пракса или работно место“, велат од БЕСТ Скопје. Од таму појаснуваат дека целта на натпреварот е поттикнување на самостоен развој на студентите надвор од студиските програми на факултетите, бидејќи начинот на кој се зададени проблемите и концептот на идеите скршнува од традиционалното образование и овозможува стекнување на поинакво искуство. Заинтересираните студенти за учество на Инженерскиот натпревар може да се пријават со пополнување на формуларот достапен на овој линк.