Нов клинички центар најавуваа сите власти во изминативе десетина години, партиите го ветуваа во изборните програми како клучен капитален објект, се распишуваа тендери, се склучуваа договори, се фрлаа лопати… Изградба на современ медицински центар ветуваа сите министри за здравство од 2010 година, почнувајќи од Бујар Османи, па Никола Тодоров, Арбен Таравари, Венко Филипче до сегашниот Беким Сали, и според ветувањата одамна требаше да биде готов. Арно ама тоа не се случи, новиот клинички центар остана само нереализиран децениски сон, пишува „Вистиномер.

   

Текстот подолу го пренесуваме во целост: Скопје добива нов клинички центарЌе ја започнеме изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе обезбеди високо квалитетна здравствени услуги на населението во целата држава. Приоритет е изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита, со што значително ќе се подигнат стандардите за лекување и третман на пациентите. Избраната локација и димензии обезбедуваат заокружена здравствена нега, функционална поврзаност, користење на заеднички ресурси, но и лесен пристап од повеќе локации во државата и избегнување на сообраќајниот метеж во Скопје. [Извор: Изборна програма на СДСМ (2020) „Можеме“ (стр.9 и стр.118) – датум: јули 2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: Новиот клинички центар заглави на излезот од Скопје, покрај обиколницата во месноста Веле Поле во општина Ѓорче Петров. На локацијата која според СДСМ, е таква што ќе овозможи лесен пристап на пациентите кои би доаѓале од повеќе правци во земјава, ваков капитален објект досега воопшто не почнал да се гради.Ветувањето за изградба на „нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе обезбеди високо квалитетна здравствени услуги на населението во целата држава“,  власта предводена од СДСМ не успеа да го реализира во изминативе речиси шест години. Ова е еден од приоритените проекти ветени во нивната изборна програма за предвремените избори во 2020 година „Можеме“ (стр.9 и стр.118), како и во програмата „План за живот во Македонија“,(стр.137 и стр. 253) со која излегоа на изборите во 2016 година и со која дојдоа на власт на 31 мај 2017 година.Дали и кога ќе почне да се гради е сосема неизвесно. Актуелниот министер за здравство, Беким Сали е оптимист дека изградбата на новиот Клинички ќе почне во неговиот мандат,  нагласува дека тоа за него е приоритет број еден, но сѐ уште не е најдено најдоброто финансиско решение за негова изградба.

   

     

Хронологија: Децениски сон за нов клинички центар Нов клинички центар центар најавуваа сите власти во изминативе десетина години, партиите го ветуваа во изборните програми како клучен капитален објект, се распишуваа тендери, се склучуваа договори, се фрлаа лопати… Изградба на современ медицински центар ветуваа сите министри за здравство од 2010 година,  почнувајќи од Бујар Османи, па Никола Тодоров, Арбен Таравари, Венко Филипче до сегашниот Беким Сали, и според ветувањата одамна требаше да биде готов. Арно ама тоа не се случи, новиот клинички центар остана само нереализиран децениски сон.Пред 12 години, во октомври 2010  година, тогашниот министер за здравство во Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Бујар Османи ја презентираше физибилити-студијата за дислоцирање на Универзитетскиот клинички центар во близина на селото Бардовци, на локација од 93 хектари. Османи тогаш причините за нов клинички центар ги лоцираше во недостапноста на постоечкиот Универзитетски клинички центар односно потешкотиите при доаѓањето до истиот, како и неговата фрагментираност, тоа што зградите се меѓусебно раздвоени без постоење на топли врски и ходници… Според физибилити студијата која  ја усвои тогашната Влада, целокупната релокација на Клиничкиот центар беше проценета околу 450 милиони евра. Се предвидуваше новиот центар да се простира на површина од 195.000 метри квадратни, да биде опремен со најсовремена технологија и да содржи околу 50 отсто еднокреветни соби. Тогашниот план вклучуваше и изградба на железнички и автобуски терминал за да се обезбеди пристап и поврзување со сите центри во регионот. Очекувањата беа сето ова да се реализира во наредните десет години,  што значи до 2020 година, кога во новиот објект во Бардовци требаше комплетно да биде преселен Универзитетскиот клинички центар.Ваквите планови не се оставрија.

Груевски и Тодоров официјално ја стартуваа изградбата На почетокот на 2012 година, тогашниот премиер Никола Груевски најавиизградба на нов клинички центар на постојната локација, во исто време не отфрлајќи ја  идејата за изградба на уште еден во Бардовци кој би се изградил подоцна. Беше соопштено дека новата клиничка зграда ќе се простира на 50.000 метри квадратни, а на врвот ќе има модерен хелиодром. Владата тогаш беше во дилема дали да изгради две згради од по четири ката или една деветкатница. Независно од формата на зградата и бројот на катовите, објектот требаше да се гради на местото на старата Клиника за гинекологија, која се сруши до темел. Во новиот клинички центар требаше да бидат сместени најголем дел од универзитетските клиники, поврзани меѓусебно со „топли врски“. Само детската, инфективната и стоматолошката клиника требаше да си останат во постојните засебни објекти.Груевски тогаш најави дека новата клиничка зграда ќе почне да се гради кон средината на наредната година (2013), а  да биде готова до 2015 година. Целата инвестиција беше проценета на помалку од 50 милиони евра, а парите требаше да се обезбедат од Банката за развој при Советот на Европа.

Фото: Принтскрин mz.gov.mk

Во јануари 2013 година тогашниот министер за здравство Никола Тодорови директорот на италијанската компанија Арен С.Р.Л. од Торино, Давиде Савоини  потпишаа Договор за изготвување архитектонско-урбанистички проект со идеен проект и основен проект за изградба на новиот Клинички центар, а потоа во август истата година беше претставен и идејниот проект, а стартот на изградбата беше најавен за почетокот на 2014 година, кога и официјално стартуваше  изградбата на новиот Клинички центар „Мајка Тереза“  ( 2 јануари 2014), со уривањето на стариот објект на Гинекологија. Сега, инвестицијата е проценета на 70 милиони долари, а рокот на изграба три години (до 2017).Но, по свечениот старт на изградбата работите застанаа во место, а новиот медицински центар се заплетка во тендери, проекти за уривање и документација.

Во „5 до 12“ потпишан договор за изградба Во октомври 2016 година Тодоров повторно  ја најави изградбата на новиот Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, а инвестицијата порасна на 128 милиони евра. Инвестицијата само за изградба чини околу 68 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вкупна вредност од 128 милиони евра, изјави Тодоров на прес-конференција на која соопшти дека е  распишан тендер за изградба на новиот Универзитетски клинички центар.Тој тогаш кажа и дека по спроведување на законските процедури, градежните работи ќе стартуваат на почетокот на 2017 година, а предвидено е да завршат до крајот на 2021 година, односно, како што појасни,  рокот на изведба е 45 месеци, со гарантен рок од 12 месеци.Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на 19 мај 2017 година (десетина дена пред смената на власта)  потпиша и договор за изградба на овој капитален здравствен објект со фирмите изведувачи на работите: „Гранит“ и „Бетон“ од Македонија и италијанската „Инсо системи“. Според тогашните планови новата зграда на клиничкиот центар требаше да  биде со нето површина од 46.987 метри квадратни корисен простор, 6.416 метри квадратни проодни тераси и кровни градини и 531 метар квадратен хелиодром. Објектот требеше да се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациентите на 10-то ниво.

Новата власт донесе и ревизија на договорот  По смената на власта во јуни 2017 година, новата Влада предводена од СДСМ донесе одлука да се преиспита целиот договор за изградба на новиот клинички центар на местото на поранешната зграда на Клиниката за гинекологија, а Министерството за здравство отпочна внатрешна ревизија на проектот за изградба. Тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари изјави дека минатата Влада упорно промовирала изградба на клинички центар, а всушност „не се работи за клинички центар, туку само една зграда за интерни клиники, и тоа е само парцијално решение“. Таравари кажа дека според планот и проектот од претходната влада било предвидено да се изгради само една зграда во којашто ќе бидат сместени интернистичките гранки, додека во стари објекти ќе останат хирургија, онкологија, гинекологија, кардиологија и кардиохирургија, инфективна, педијатрија. На Македонија ѝ треба комплетно нов Клинички центар, имајќи предвид дека местото и местоположбата на сегашниот клинички центар воопшто не се адекватни. Сакаме да изградиме Клинички центар според врвните светски стандарди, каде што ќе има повеќе влезови, паркинг, меѓусебно поврзани клиники, како што препорачуваат стручните лица и инженери, специјализирани во оваа област,  изјави тогашТаравари. ­Потоа во едно интервју тој кажа дека дека засега нема конкретно решение каде ќе биде изграден Клиничкиот центар, но идејата е тоа да биде надвор од Скопје, некаде кај обиколницата.

Филипче прво вети нов клинички во Бардовци, па во Веле Поле.Откако Таравари на локалните избори есента 2017 година стана градончалник на Гостивар, на негово место во Министерството за здравство дојде Венко Филипче (декември 2017 г.)Набрзо по стапувањето на министерската функција Филипче на прес-конференција во Владата (09.03.2018), соопшти дека новиот клинички центар ќе се гради во Бардовци во близина на Психијатриската болница. Тогаш тој рече дека за неговата изградба се потребни околу седум години (до 2025). Филипче тогаш спомена дека постојат одредени финансиски обврски согласно претходно потпишаниот договор за изградба на Клиничкиот центар, но Владата ќе се обиде да се договори ново решение и да не се плаќаат пенали.Една година подоцна февруари (2019) Владата се откажа од оваа локација и донесе Одлука новиот клинички центар да се гради во месноста Веле Поле во Ѓорче Петров.  Филипче тогаш  кажа дека се бодувале три локации – во Карпош (Бардовци), Ѓорче Петров и Петровец, при што експертскиот тим донел заклучок дека Ѓорче Петров е идеалната локација поради земјиштето кое е целосно државно, местоположбата и цената на чинење која е пониска.На почетокот на јуни 2019 година Владата донесе Одлука да почне постапката за пренамена на земјоделско во градежно земјиште во општина Ѓорче Петров за изградба на новиот Клинички центар. На 31 јули 2019 година министерот Филипче изјави дека новиот клинички центар во скопската општина Ѓорче Петров ќе почне да се гради на почетокот на следната година (2020), ќе биде целосно готов за седум години (значи во 2027), а целиот проект ќе чини 500 милиони евра, пари кои ќе се обезбедат преку банките „Ерсте груп”, „Рајфајзен банк” и ,,Уникредит банка”. Набрзо Министерство за здравство го распиша тендерот за изградба на новиот Клинички центар на локацијата „Веле Поле“.Во меѓувреме букна ковид пандемијата и активностите поврзани со проектот изградба на нов клинички центар се развлекоа. Се распишаа и нови предвремени избори кои се одржаа во јули 2020 година.Вјадејачката СДСМ овој проект го вети и во новата изборна програма ( „Можеме“стр.9 и стр.118), а откако беше избран за министер за здравство и во новата Влада, Филипче повторно уверуваше дека новиот клинички центар ќе биде изграден на локацијата во Ѓорче Петров.Тој посочи дека е почната постапка за изградба на нов Клинички центар, но таа била прекината поради изборниот процес и пандемијата со ковид-19. Напомена дека самата изградба на Клиничкиот центар ќе почне постапно и дека првиот од четирите блока на новиот Клинички центар треба да биде завршен во наредните четири години (2024). Во однос на финансирањето, Филипче кажа дека сè уште се работи на финансискиот модел и проценката е дека ќе чини околу 450 милиони евра.

Новиот клинички центар „затрупан“ со 2.000 амандмани. На 1 декември 2020 година Владата го утврди предлог-законот за реализација на проектот за нов Универзитетски клинички центар.  На крајот на годината  предлог- законот влезе во собраниска процедура и Собранието по скратена постапка ја усвои потребата од негово донесување.Потоа во февруари 2021 година опозициската ВМРО-ДПМНЕ со околу 2.000 амандмани го блокираше  предлог-законот за изградба на нов клинички центар, нарекувајќи го криминал во најава и обвинувајќи дека за него власта ќе потроши превисока сума пари.Во мај 2021 година министерот Филипче на прес-конференција ја повика опозицијата да го одблокира донесувањето на новиот Закон за клинички центар, бидејќи „граѓаните заслужуваат нов и модерен клинички центар каде што на едно место ќе ги добиваат сите здравствени услуги“.ВМРО-ДПМНЕ, пак, остана на нивниот став дека треба  комплетно да се  реновира Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ што би чинело околу 100 милиони евра како и изградба на ургентен клинички центар кој би бил наспроти „Жан Митрев Клиника“ и со кој би се поврзале Поликлиниката „Букурешт“ и ГОБ „8-ми Септември“. Освен ова решение, ВМРО-ДПМНЕ предлага  да се изградат уште три универзитетски клинички болници во Тетово, Штип и Битола кои би чинеле по десетина милиони евра.Расправиите и натегањето  меѓу власта и опозицијата продолжија и во наредниот период, а работите дополително се развлекуваа и поради локалните избори и ковид пандемијата.

И за Сали изградбата на клинички е приоритет, само нема пари.На крајот на октомври минатата година (2021), по поразот на локалните избори Заев соопшти (31.10.2021) дека поднесува оставка од премиерската функција и лидерската позиција во СДСМ. Собранието ја констатирашенеговата оставка, а тоа според Уставот (член 93) повлече оставката и на целата Влада. Новиот владин кабинет предводен од премиерот Димитар Ковачевски беше избран на 16 јануари 2022 година, а на функцијата министер за здравство дојде  Беким Сали од Алтернатива.Сали најпрвин кога дојде на функцијата кажа дека ќе го повлече законот за Клиничкиот центар од Собрание и отпочна разговори со политичките актери од власта и од опозицијата за да се одблокира процесот и да се изнајде оптимално решение. Се споменуваа три можни локации, кај касарната „Илинден“, кај болницата „8 Септември“ и во месноста Веле Поле во општина Ѓорче Петров.Потоа, министерот Сали, во јули годинава изјави дека градењето на нов Клинички центар за него останува приоритет број еден, но дека сега не е можна негова реализација поради финансиски причини. Тоа е комплексен проект кој бара неколку решенија меѓу кои и финансискиот дел. Поради немање на најдобро финансиско решение за реализација на овој проект, продолжуваме со реновирање и адаптирање на постоечките клиники сè до моментот кога  ќе се заокружи мозаикот неопходен за реализација на таков капитален проект, изјави Сали.Есенва во  Министерството за здравство 6 странски компании кои се занимаваат со градежништво презентирале концепти за изградба, финансирање и обука на стручен и административен кадар. Министерот Сали во изјава за Сител кажа дека сакаат да соберат искуства и да го изберат најдобриот модел и начин на изградба на комплексот кој со години е само на хартија и никако да бидат удрени темели. Здравствените власти немаат дефинирано дали ќе изберат една од компаниите кои го посетиле Министерството. Меѓутоа, независно кој и да го гради новиот клинички центар, тој ќе биде на локацијата Велеполе.Во меѓувреме виси опасноста за неизградениот медицински центар државата да плаќа пенали од 8,5 милиони евра, поради раскинување на договорот за изградба на клиничкиот центар „Мајка Тереза“,  потпишан од ексминистерот Тодоров, а раскинат во време кога министер беше Филипче. Во Министерството сега се разгледуваат правните аспекти и можноста да се намали казната од околу 8,5 милиони евра што треба да ѝ се плати на италијанската компанија поради раскинувањето на договорот.

Фото: Принтскрин mz.gov.mk

Во изминативе шест години влста повеќепати им вети на граѓаните нов модерен клинички центар, ама од тие планови не излезе ништо. А самиот Филипче   непосредно пред заминувањето од министерската позиција (јануари оваа година) изјави дека нјамногу жали што не успеале да го започнат проектот за изградба нов клинички центар. Имајќи го предвид сето ова, како и фактот што до моментот кога е пишуван овој текст (21.11.2022) објектот воопшто не е започнат да се гради и не се знае кога и дали тоа воопшто ќе се случи, ова  ветување го оценуваме како неисполнето.