-По се што и направи Усеин на Танкица, пресудата доживотен затвор е најмалку што можеше системот да направи за неа и нејзиното семејство. Но, и тоа не е доволно, иако што и да кажеме сега, нема ништо да се промени, нашата пријателка нема да се врати назад.
Она кое сите посебно не погоди е фактот што таа очајно бараше помош, и верувам дека нејзината смрт можеше да се превенира, доколку институциите ја сфатеа сериозно и реагираа соодветно.
Тоа секогаш ќе не мачи, зошто не се спречи смртта на оваа недолжна жена, жртва на еден насилник, уценувач, а сега и ладнокрвен убиец, кој веднаш откако таа го пријави во полиција, требаше да се најде зад решетки. Повикан на разговор и пуштен… ќе има ли одговорност за тој пропуст кој една жена го плати со живот?- прашува пријателката на Танкица.
Откако се случи грозоморното убиство на Танкица, за настанот реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови слободи и права. Бараа итно да се почне со испитување на одговорноста на службените лица во врска со убиството, кои знаеле дека Танкица била под континуирано насилство на убиецот.
-Непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната, или отсуство на имплементација на законите, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените кој најчесто се извршува од страна на маж. Жртвата е секогаш жена.
Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно се пријавени само 2% од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот – истакнаа тогаш од Хелсиншки комитет.
И пријателката на Танкица вели дека целиот овој случај кој ја вознемири јавноста, е само уште еден показател дека жените кои ќе се охрабрат да пријават насилство или закани, се соочуваат со прашањето – Дали ќе добиеме соодветна заштита од институциите ако пријавиме закани или насилство, или пак со пријавата уште повеќе ќе го разгневиме насилникот, како што беше во овој случај?
-Откако Танкица го пријави дека од неа изнудува пари и и се заканува, тој уште повеќе се разгневи, и на крај покажа дека со него нема игра, ја уби безмилосно. Ќе беше ли уште жива ако не го пријавеше, ако продолжеше да живее во агонија и да го финансира?- прашува нашата соговорничка.Ќерката на Танкица пак, вчера по изрекувањето на пресудата реагираше на социјалните мрежи и објави линк од електронски медиум со веста за убиството на мајка и, на кој се објавени и фотографии од нејзиното безживотно тело среде улица, направени набргу по убиството.
-Каков доживотен затвор, некој ќе се превртува во гроб, а некој ќе ужива во затвор, напиша таа. Сепак, јавно не сакаше да зборува за трагедијата.Усеин вчера доби казна доживотен затвор за кривичното дело – Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, но за кривичното дело Уцена, тој не признал вина и за тој дел од обвинението ќе продолжела судска постапка.Пред да биде убиена, Танкица го пријавила во полиција за континуирана уцена и изнуда на пари.