„Вкупното побарување кон Република Северна Македонија заедно со каматите за периодот 2008-2011 година изнесуваат 42 милиони и 646 илјади евра. Согласно пресудата, побарување за отштета кое е пресудено од страна на Арбитражниот суд во Париз е за 50 проценти пониско од првичното барање, односно изнесува 21 милион 478 илјади 799 евра, што значи дека нашиот адвокатски тим се изборил за преполовување на бараниот износ“, рече Андонов. Станува збор за процес во кој Република Северна Македонија е тужена страна поради непочитување на обврските произлезени од купопродажниот договор на рафинеријата ОКТА случен во 1999 година. Прашан за најавите од грчка страна дека овие средства ќе ги инвестираат во нафтоводот Солун-Скопје, советникот на премиерот рече дека за тоа во моментот не се разговара. Дел од грчките и француските медиуми објавија дека Арбитражниот суд во Париз пресудил во корист на грчката компанија и дека Северна Македонија ќе треба да плати оштета од околу 25,5 милиони евра.