НЛБ Банка и понатаму останува да биде банка која има највисок исплатен просечен бруто износ по вработен, а големите ривали Стопанска банка Скопје и Комерцијална банка се во меѓусебна „мртва трка“, а зад лидерот „се кратки“ со 200 евра просечно
Банкарството во Македонија важи на многу добро платена професија која е една од најпосакуваните во очите на општата јавност. За да ги утврди реалните износи на просечните бруто плати „Фактор“ направи анализа во која ги вкрсти износите што за своите вработени во првите шест месеци ги издвоиле банките со бројот на вработените.
Податоците за трошоците за вработените исплатени од банките, на нашата листа, се јавно достапни од нивните финансиски извештаи за првото полугодие годинава достапни на Македонската берза за хартии од вредност. Податоците за вработените се ажурирани заклучно со 30 јуни годинава и се достапни на веб страниците на овие банки.
Како што беше досега и понатаму просечно најдобро платени остануваат вработените во НЛБ Банка Скопје. Воедно најголеми просечни исплати има во трите најголеми деловни банки.