-Ако не станеме членка на Европска Унија ќе нема демократски развој. Ако нема демократски развој, ќе нема ни унапредување на правата на помалкубројните етнички заедници, во овој случај турската заедница. Затоа овој пат ни е многу битен, смета Ибрахим.
Тој верува дека на следните избори ќе се најде решение како да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Според него, оние што се против влез на Бугарите, Хрватите, Црногорците и Египпјаните во Уставот значи дека се и против сите други етнички заедници кои веќе се во Преамбулата на Уставот.
-Правата на заедниците треба да се унапредат и оттаму апсурден и вешетачки е создаден проблемот за внес на Бугарите и останатите заедници во Преамбулата на Уставот. Сите заедници кои традиционално живееле тука и сакаат тука да живеат треба да се најдат во Преамбулата, вели Ибрахим.
Тој додаде дека за оваа партија е значаен влезот во Европска Унија заради унапредување на правата на помалите заедници.
-Секој проблем што се одложува да биде решен, создава поголеми проблеми, вели Енес Ибрахим.
Додава дека не треба да бегаме од реалноста дека Македонија е мултиетничко општество.
-Треба на страна да ги оставиме националзмите зашто не сме ниту во 2011 ниту во 2014, бидејќи обичниот граѓанин бара подобрување на економијата- вели тој.
Лидерот на Партијата за движење на Турците констатира назадување во подобрување на условите за живот на локално ниво откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, особено онаму каде мнозинството е од турска етничка припадност.
„Има напредок во делот на подобрувањето на состојбата на помалкубројните етнички заедници, особено ме радува фактот што меѓуетничките тензии се минато во нашата држава. Има кохезија, добар соживот. Не се повторуваат улични кавги“, заклучи Ибрахим.
Партијата за движење на Турците постои 25 години на политичката сцена. Според зборовоте на нејзиниот лидер таа се разликува од другите политички партии според принципиелноста.
„Работиме за демократски развој, за подобрување на соживотот, подобрување на меѓуетничките односи, работиме за унапредување на правата на заедниците и човековите права. Го даваме максимумот кога е потребно за државата. Ова не се случува само во последните 10 години. Турската заедница покажа лојалност 32-33 години, почнувајќи од Референдумот за независноста на државата. Во моментот, интересот ни е да станеме членка на Европска Унија“ вели Ибрахим.