Потребните скоро 23.000 евра за лекувањето на Кара Селовски во болницата во Барселона се собрани.Овие средства, во износ од 22.811 евра, како што вели таткото на 12-годишното девојче, Васе Селовски веќе се уплатени на сметката на болницата и ќе бидат наменети за дијагностицирање, испитувања и престој за 14 дена.
-Не можам да ја изразам со зборови благодарноста до сите хумани граѓани кои помогнаа моето девојче да го продолжи тешкиот пат на лекување во болницата во Барселона. Она што следно мора да се направи е навистина уште еден голем предизвик, а тоа е транспортот до таму. Кара има постојано напади, живее во силни грчеви и неиздржлива болка и во консултација со лекари, комерцијален лет со авион е незамисливо, односно дека е крајно ризично. Советот што го добивам од врвни експерти е дека за Кара е најдобро да стигне до Шпанија или со хеликоптер со медицински тим за да има постојан надзор на нејзината состојба или по копнен пат, односно со амбулантно возило, во кое исто така ќе биде под контрола на лекари, вели загрижениот татко.
-Во согласност со Законот за управување со кризи, потпишан е Меморандум за соработка со МВР. Семејството треба официјално да се обрати до ЦУК на бројот 112, да каже за што станува збор, а потоа ЦУК го поднесува барањето до МВР за да се обезбеди хеликоптер. Случајот за Кара го знае цела Македонија, кога станува збор за болно дете ангажманот е уште посилен. Во ваков случај, болното дете се пренесува од една болница до друга, односно кога станува збор за Кара, значи од од Клиниката за детски болести до болницата во Барселона. Транспортот е бесплатен за семејството. Сепак, да повторам, она што треба да се направи е семејството да се јави на 112, а потоа ЦУК го поднесува барањето до МВР, тие прават проценка и се чека одлуката оттаму, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов во изјава за Фактор.
Досега помина низа болници низ целиот регион, а по консултации од Љубљана, нејзиното лекување мора да продолжи во Шпанија.
-Од декември наваму е хоспитализирана на Клиниката за детски болести каде што состојбата не и се подобрува. Има епилептични напади кои не можат да се избројат. Свесна е најмногу од 2 до 10 минути, посочува таткото, кој денеска повторно ќе оди за Солун од каде што набавува лекарства бидејќи во Македонија ги нема.