Членството во Европска Унија е наша стратешка цел, а сите обврски кои треба да ги исполниме за да успееме во тоа, ги преземаме заради обезбедување на граѓаните ефикасни институции кои работат врз европските стандарди и принципи. Политичка волја имаме и спремни сме за забрзано реформирање, со конкретен план и задачи за секоја институција. Во Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“ нè чека уште многу работа. Усогласеноста е на добро ниво, сега мораме да се фокусираме на активностите кои ќе дадат мерливи резултати, кои имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните. Процесот на проширување, на кој сите институции мора да се посветат, ќе биде движечка сила за реформите, за демократијата, слободата на медиумите, граѓанските слободи и владеењето на правото – како темелни вредности и принципи на Европската Унија. Го завршивме билатералниот скрининг за Поглавјето 23, кој покажа дека имаме системски капацитет и подготвеност да го надоградиме со европските правила на функционирање, и тоа мораме да го направиме за доброто на нашите граѓани. Следува период во кој ќе работиме на планирање на реформите и подготвување на Патоказот, кои треба во пракса да дадат брзи резултати. Можеме и ќе успееме.