Драги пријатели, да расчистиме една работа. Таму кајшто луѓето ќе „попушат“ дека „сите се исти“, поточно таму кајшто ќе речат дека социјалдемократите и вмроовците се исти, таму секогаш ќе победуваат вмроовците, поточно десницата.Друга работа, Апасиев, а гледам дека таква инфекција – не до толкави размери – ја примил и извесниот Бранимир Јовановиќ, што значи се „натрипале“ дека се некакви new age месии во нивната чорбеста филозофиичка од типот „сите политичари се исти“. Сите тие биле трул естаблишмент, отуѓени елити кои работат за крупниот капитал и бла, бла, бла.Овој жанр е типичен за сите оние адолесценти во политиката. Ова е политика на сите оние размазени деца кои ги сретнав низ животов последните 15 години, наштекани на институти, невладини, генерално „фино снајдени дечки“ кои имаат секогаш некој бекап во тато и мама. Ама клучната работа е што десничарите на избори излегуваат, не тртлаат приказни од типот „сите тие се исти“. Нема да ги сретнете десничарите кајшто се бунат по папучи, седнати на фотељи и по цели денови зборуваат дека нивните лидери не се доволно добри.Само левичарите се тие кои се расправаат, одбиваат да гласаат и на крајот – ќе ги попушат изборите. Се разбира, генерализирам, ама тоа е доволен аргумент да се упропастат изборите на штета на демократските левичари.Добро, некој може да рече, а што ни предлагаш, море, Јовановиќу?Предлагам да продолжиме тамо кајшто застанавме: за да не бидеме повторно земја на Груевски или на Орбан; да не бидеме земја на браќата Качински или, не дај боже да бидеме луѓе од хорор приказната на Русија.И на избори се излегува, а богами и гласа, тоа го прават сите одговорни граѓани.А сите не се исти, ниту некогаш постоеле исти луѓе, како што не постојат и исти политики.