Kои сте бре вие?
Во јавноста одекна информацијата дека Собранието на РМ по скратена постапка носи закони со кои трикратно се зголемува прагот за собирање потписи од граѓани за независни кандидати, кои што ќе сакаат да учествуваат во изборните процеси за претседател на држава, за пратеници во собранието, како и градоначалници и советници во општините.
Кои сте бре вие, политичари на кои ние граѓаните на Република Македонија ви доверивме да ја креирате нашата иднина и иднината на државата и да си поигрувате со нас обичните гласачи?
Ја украдовте и ја уништивте државата на граѓаните на Република Македонија.Кои сте бре вие, кои во изминатите 34 години уништивте сè во Македонија што беше наследено од бившата СФРЈ. Уништивте сè, од црната металургија, обоената металургија, неметалите, стакларската индустрија, преку текстилната индустрија, рударството, градежништвото па сè до земјоделските и сточарски комбинати.
Сите погоре наведени стопански гранки вработуваа повеќе од 650 илјади вработени, кои денеска зјаат како авети во нашата Македонија. Немаше град во Македонија без сопствена индустрија. Денес малите места низ Македонија се опустошени, насекаде празни домаќинства и необработена почва за кои бараме странски инвеститори со сомнителни перспективи за нашиот индустриски развој.
Со носењето на новиот закон ни ја украдовте последната надеж на нас граѓаните, како независни кандидати кои не се согласуваат со вашите квази-политички мотиви за водење на држава, дека во оваа држава нема иднина.Кои сте бре вие, да одлучувате за судбината на мене и моето семејство, моите другари, пријатели и сите граѓани во Република Македонија?
Ја престоривте државата во туѓина, сами себе странци и туѓинци. Единствениот „бренд“ кој го увезовте е криминалот и корупцијата.
Доста е.
Граѓани на Република Македонија, не смеете веќе да молчите! Со молкот станувате соучесници на криминалот и одземањето право на перспективна иднина.
Не смееме да го дозволиме и понатака разнебитувањето на Македонија.
Tрифун Костовски