Клиниката Жан Митрев и докторот Жан Митрев поднесоа тужба за клевета и навреда кон редакцијата на ИРЛ и новинарите автори на истражувањето „Нечиста крв” придружена со предлог за издавање на времена мерка која вклучува бришење на објавите и забрана за дополнително известување додека трае судскиот спор. Ваквите спорови до правосилност на пресуда често траат и повеќе години објави ИРЛ.
„Се забранува на тужените ИРЛ, Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска на јутјуб каналот на првотужениот и на фејсбук профилот на првотужените да објавуваат содржини поврзани со веќе објавениот документарен филм насловен како „Нечиста крв” и „Специјално издание: Нечиста крв”, како и да објавуваат нови содржини во кои што тема на обработка ќе биде работењето на тужителите и начините на лекувањето пациентите болни од КОВИД 19 за време на КОВИД пандемијата, која мерка да се со важност до правосилно завршување на постапката”, се вели во предлог одлуката до Судот во тужбата по предлог на привремена мерка.
Барањето за ваква мерка заедно со тужбата пристигна минатата недела на 14 октомври петок, а рокот ИРЛ да испрати одговор по предлог мерката за забрана за известување истекува денес бидејќи законот предвидува три дена за одговор и по овие барања се одлучува експресно. Правниот тим на ИРЛ обезбеден преку Здружението на новинари на Македонија денеска испрати одговор на тужбата по предлог времена мерка за забрана за објавување и бришење на содржини.
Секуловски: Барањето да се избрише „Нечиста крв“ е апсурд и опасност
Извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија Драган Секуловски вели дека барањето да се отстрануваат медиумски содржини не е само нелогично, туку и опасно.
„Опасноста е во тоа што го поттикнува судот да цензурира без спроведување на судска постапка и правосилна пресуда што е надвор од праксата на ЕСЧП. Оваа сторија на ИРЛ мотивираше и други медиуми, не само локални туку и од регионот, да се бават со работата на оваа приватна болница, но и надлежните институции да покренат конкретни постапки кон истата и затоа барањето овие содржини да се избришат од интернет претставува до сега невиден правен апсурд“, вели Секуловски.
Скопското јавно обвинителство на 18 јули по допрен глас отвори предмет за кривично дело измама на пациенти во клиниката „Жан Митрев“ од Скопје, откако на 17 јули се емитуваше документарниот истражувачки филм „Нечиста крв“. По помалку од еден месец работа, обвинителството соопшти дека покренува истрага за кривичното дело измама. Според последните најави на шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски, истрагата ќе биде заврши за околу два месеца, по што би се покренало обвиниение пред Кривичниот суд. Македонските и балканските медиуми со внимание известуваат за истрагата на обвинителство, како и другите институции кои имаат засебни истраги, како Министерството за здравство, Агенцијата за лекови и медицински помагала Малмед и Лекарската комора.
„Не се случи институциите кои ја истражуваат неговата работа да побараат да ја затвори болницата додека траат постапките против него. Исто така, нејасно е како господинот Жан Митрев ќе ги спречи сите медиуми да не објавуваат за текот на овие истраги со оглед на големиот медиумски интерес за темата. Затоа е многу сомнително тоа што оваа тужба и ова барање за забрани доаѓаат токму кога ИРЛ и партнерските центри почнаа да работат на продлабочување на приказната на меѓународно ниво на најмалку три континенти”, вели Сашка Цветковска, одговорен уредник во ИРЛ.
Саливан: Не можеш да ја спречиш вистината, ако македонскиот суд забрани, ние ќе објавуваме секаде во светот
Дру Саливан, главниот и одговорен уредник и издавач на Меѓународниот проект за известување за органзиран криминал и корупција (OCCRP) чиј што центар е и ИРЛ, вели дека Судот не би смеел да се впушта во ваков тип на забрани, особено за сториите за кои се истражува и меѓународно.