Одамна не се случило една градска тема толку многу да го апсорбира општественото и политичко внимание, како што тоа се случува со јавниот превоз во Скопје. Блокадата на фреквентна крстосница во Скопје од страна на приватните превозници, го парализираше главниот град. Паркирани се над 30 автобуси, а протестот се планира да трае се до исполнување на нивните барања. Од предизборното ветување на градоначалничката Данела Арсовска за брз, ефикасен и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани, единственото што го добија Скопјани е комплетен сообраќаен колапс. Веќе никој не ја спомнува ветената набавка на 250 еколошки автобуси, а речиси и никој не знае дали е целосно пропаднат проектот „Бас рапид транзит“, што таа го наследи од нејзиниот претходник и го стопираше. „Ова веќе не е град. Ако јавниот превоз не функционира, не функционира ништо“, коментираат скопјани, кои во изминатиот период се соочија и со протест на ЈСП, а сега и со блокада на приватните превозници. Приватните превозници, на кои Град Скопје им должи милион и пол евра, во знак на протест решија прво да не сообраќаат на досегашните линии, а денес и да блокадираат фреквентна крстосница. Од „Слобода превоз“ најавуваат дека ако не се решат нивните барања, блокадата може да се прошири и на други сообраќајници во градот.