Скопјани се возат како сардини по автобусите на ЈСП. Поточно, веќе трет ден жителите на Кисела Вода и на населба Железара мака мачат со автобусите на ЈСП, поточно со редуцираната линија 13. Се намалија автобусите, се зголемија гужвите, а со тоа и нервозите на граѓаните бидејќи децата не можат навреме да стигнат на училиште, а граѓаните на своето работно место. Ај некако и ќе отидеш на работа, но потоа треба да гаташ на гравчиња дали навреме ќе стигнеш да си го земеш детето од градинка до 17 часот.
Со оглед на тоа дека оваа линија веќе трет ден е уште поредуцирана, шансите за тоа се нула. Зошто ЈСП со официјално соопштение на нивната интернет страница или на социјалните мрежи не ги извести граѓаните дека неколку линии на автобусот 13, што сообраќа од Кисела Вода до населбата Железара се укинати? И зошто истите се укинати, кога граѓаните имаат потреба од нив?
Трет ден се случуваат огромни гужви на автобуските постојки и внатре во автобусите, бидејќи секој сака да стигне навреме на работа или на училиште.
Без некакво јавно соопштение укинати се утрински линии, но и попладневни. Ги нема линиите од 7:35 часот од Кисела Вода, 16:10 од Железара, 21:10 од Железара и други. Ако досега имаше автобус 13 на секој еден час или на два часа, сега автобусот сообраќа на секои четири часа или воопшто го нема. Граѓаните се загрижени поради ваквите своеволни одлуки од ЈСП, бидејќи сепак редовно плаќаат месечни билети или неделни билети за да се возат со автобусите на ЈСП. За многумина автобускиот превоз е единствената опција.
И додека ЈСП штеди на автобуси, граѓаните се револтирани. Многумина од нив утрово одбија да платат билети додека се возеа збиени како сардини. Каде се тука здравствените и безбедносните мерки во време на пандемија? Дали автобусите повторно ќе станат жариште на ширење нервоза и револт кај граѓаните, но и на коронавирусот?