Обвинителката Вилма Рускоска не знае од кои причини поранешниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми ја поднел кривичната пријава против неа, поради која беше суспендирана од раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Едноставно, вели Русковска, „кога имате кривична пријава, мора да се постапи по истата“.
„Имаше наредба за личен претрес на Арафат Муареми, односно за одземање на неговите мобилни телефони. Кога истражителите отидоа во Финансиската полиција, тој не беше на работа. Потоа му се јавија да дојде и да ги донесе мобилните телефони, но ги немаше. Кога го прашаа каде се, одговори дека ги изгубил или не знае каде се. Земен е лаптоп и не се сеќавам уште што и направен е список на предмети кои треба да ни бидат доставени“, вели Русковска.
Против Муареми, како што истакна Русковска, била поднесена анонимна кривична пријава за што Обвинителството морало да го земе предметот за да изврши проверка на наводите.
„Предметите стигнале по два и пол месеца и 10 дена по назначување на новиот в.д. директор на Управата на финансиската полиција. И колку што ме информираа, станува збор за 380 пријави за работата на Управата во периодот од 2018 година до јули во 2022 година“, истакна Русковска.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е формирано во октомври во 2004 година и оттогаш на негова адреса пристигнале околу 100 до 150 пријави што е, речиси, два и пол пати помалку во однос на последниот, речиси, четиригодишен период.