Фото: Министерство за труд и социјална политика
Општина Гази Баба неколкупати досега спроведуваше акција за чистење на дворот на објектот, кој е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, од каде, пак, треба да најдат решение за луѓето што нашле засолниште токму во овој напуштен објект со супстандардни услови за живеење.
Руинираниот објект на поранешниот дом за згрижување и воспитување деца и младинци со проблематично однесување „Ранка Милановиќ“ во населбата Триангла, со години е претворен во депонија преполна со отпад, каде што во крајно нечовечки услови живеат бездомни луѓе, па дури и семејства со деца. Никој не може точно да каже колку точно граѓани живеат во него, а бројката што најчесто се спомнува од институциите е помеѓу 60 и 100 луѓе, кои секојдневието го минуваат во смрдеа и ѓубре.
Граѓаните што живеат во околината, особено компаниите од овој дел, постојано укажуваа на состојбата во домот и повикуваа да се најде решение. Општина Гази Баба неколкупати досега спроведуваше акција за чистење на дворот на објектот, кој е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, од каде пак треба да најдат решение за луѓето кои засолниште нашле токму во овој напуштен објект во супстандардни услови за живеење.
Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски и градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски вчера ги посетија бездомниците сместени во „Ранка Милановиќ“, а денеска екипи на ЈКП „Гази Баба“ со своја механизација почнаа акција за чистење на отпадот од дворот на објектот. На луѓето што живеат во објектот им беа поделени пакети со храна и хигиенски производи.
Со жалење можам да констатирам дека повеќе од две години наидував на ѕид од страна на Владата и Министерството за да им помогнам на овие луѓе во чистењето на просторот што ги опкружува бидејќи постои голем ризик да се развие епидемија. Неколкупати писмено го известував ресорниот министер, па и за петициите на граѓаните што живеат одоколу, како и жалбите на околните компании што гравитираат на овој простор, рече Стефковски.
Според Велковски станува збор за првичната помош за да се спречи евентуална зараза кај возрасните, но пред се децата кои се сместени во овој објект.
Тие живеат во крајно нехумани услови. Затоа денес заедно со градоначалникот Бобан Стефковски излеговме на терен за со негова помош да се исчисти дворот каде луѓето го минуваат секојдневието – изјави Велковски.Техничкиот министер вети системско решение за овие луѓе да добијат достоинствено социјално домување, што е во согласност со сите конвенции за заштита на човековите права.
Центарот за социјални работи првично со неколку решенија низ годините наназад ги има сместено корисниците. Пак ќе кажам и тоа треба да се разгледа дали е законски, бидејќи овој дом бил за сосема друга социјална категорија на граѓани, не и за сместување на бездомни лица. Меѓутоа, ги сместил со решенија во тој момент и неколкупати ги обновувале. Сега бројката мислам дека не е повеќе од 70-ина луѓе коишто се тука во кругот на оваа зграда. Треба да се направи системски да реши проблемот, а тоа значи и дека би имале подобри услови за живот и подобро домување од ова што го имаат во моментов – рече Велковски.Домот „Ранка Милановиќ“ беше расформиран во 2019 година, а штитениците, во процесот на деинституционализација, беа префрлени во мали групни домови. Оттогаш, никој сериозно не се ангажира да најде решение за состојбата на овој објект, кој е на раб на еколошка катастрофа, особено за луѓето без дом и егзистенција, кои во страшни услови живеат во него.