Не сум доктор, не можам да знам кој е крив во случајот со Веаповска од Струга која тврди дека докторите по грешка и извадиле органи при операција и со тоа ја направиле инвалид. Но ниту таа не е доктор ниту пак колегите новинари кои во налет за кликови и новинарска слава ги ставаат на столбот на срамот докторите од Струга без да се слушне нивната страна на приказната. Се плашам дека овој случај ќе предизвика проблеми во иднина, докторите ќе се плашат за својата кариера и нема да преземаат ризици за да спасат човечки животи, па ќе завршиме со сите органи на број ама во гроб црвите да не јадат. Ќе ја применат тактиката НЕ СУМ ОД ТУКА, односно само ќе си ја префрлаат топката од еден на друг лекар и додека чекаат пациентите ќе починат и ќе ги прогласат за многу тежок случај кој подлегнал на тешките болести итн, ќе биде ни лук јал ни лук мирисал. Можеби грешам, можеби оваа хајка ќе ги направи лекарите повеќе одговорни, институциите повеќе одговорни, но велам, се плашам дека малку претеравме го хајките против луѓето во белите мантили, не дека тие се безгрешни, но за се има мерка и во критиките и во фалбите. Знам дека не е лесно да останеш инвалид, но некогаш мора на пациент да му се исечат и раце и нозе за да се спаси, сега и тоа ли ќе го забраниме, значи спасувањето животи ќе биде во втор план, целта ќе биде по секоја цена да не останеме инвалиди па макар и умреле?! Тој кнцепт не ми држи вода…