Почитувани колеги пратеници, Почитувани претставници од Владата на Република Северна Македонија, Почитувани екселенции, Дами и господа, Вообичаено моите обраќања ги започнувам со зборот задоволство и чест, меѓутоа денес, тоа што Собранието, домот на граѓаните на Република Северна Македонија е домаќин на изложбата за сеќавање на жртвите од Гладоморот во Украина „Украина се сеќава, светот признава“, за мене претставува настан кој што во исто време предизвикува гордост и неизмерна тага.
Дозволете, покрај тоа што Ви посакувам добредојде од име на пратениците на Собранието и во мое лично име, да упатам до Вас и апел за разбирање затоа што сум убеден дека после ова, никој нема да остане рамнодушен кон оваа човечка трагедија и кон овој период во кој се изгубила и најмалата допирна точка со тоа што значи да се биде – човек. Што значи да се сака, цени и вреднува човечкиот живот. Сечиј живот! Затоа што, нема помалку или повеќе вредни човечки суштества, нема повеќе или помалку важни човечки животи. Има добри и има лоши луѓе. Во принцип, секогаш е потежок патот што го поминува борбата на доброто против злото. Но, тоа што не разликува и ни дава сила да истраеме на тој трновит пат е цврстата волја, верба и надеж дека сме извлекле поука од минатото и сме се бореле на сите можни начини да не се повторат тие грешки и во иднина. Мислата дека сме придонеле кон промена на дискурсот и токму ние сме биле промената, без двоумење! За жал, историјата се повторува пак! Сега се други средствата, меѓутоа во принцип, намерата е иста и таа не е воопшто хумана. Да се покори на сите можни начини Украина и Украинците, а и агресорот е ист! Што е уште понелогично, се работи за земја членка на Советот за безбедност, кој што е еден од шесте тела на Обединетите нации, и е конкретно задолжен за обезбедување на светскиот мир и безбедност.
Почитувани присутни, На светот му требаа цели 90 години да признае на ниво на влади или парламенти во голем број на држави од демократскиот свет дека Гладоморот е акт на геноцид а Европскиот парламент на 23 октомври 2008 година усвои Резолуција со која се признава Гладоморот како злосторство против човештвото. Тоа не е доволно! Злосторство или геноцид, тоа мора да се именува и да се викне толку гласно за да одекне и остави белег во сечиј ум и разум, во сечија совест и одговорност дека се посегнува по највредното, по најскапоценото – по животот! На деца, жени, стари и млади – без разлика, со сите однапред испланирани и спроведени систематски начини на истребување на еден народ и една држава. Толку системски што дури не се знае ниту точната бројка на жртви која според различни извори се движи од 4 до 15 милиони жртви! Тоа не се зрна песок, тоа се живи семејства, широки насмевки, успеси и солзи, тоа се човечки судбини! Почитувани присутни, да не дозволиме да се претвори сè во пепел, премногу сме вложиле и сме жртвувале, ние, нашите предци, нивните предци. Да не дозволиме злото да затропа и на наша врата, затоа што на овој или на оној начин, ефектот се рефлектира на сиот свет, без разлика. Ви благодарам на вниманието!