Присилни бракови, сексуална експлоатација, питачење – децата се почесто се жртви на насилството од возрасните, кое зема замав. Повеќе пари се остваруваат и добиваат со криумчарење луѓе, отколку со криумчарење дроги.
Девет жртви на трговија со луѓе од кои осум женски и едно машко лице се евидентирани минатата година во Северна Македонија. Најголем број од нив, се деца – седум на возраст од 14 до 17 години. Според видот на експлоатацијата, во најголем број од случаите се идентификувани како присилен брак – шест лица, а две се идентификувани како сексуална експоатација од кои едниот случај е онлајн експлоатација. Годинава, три девојчиња билецел на сексуална експлоатација.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната регионална конференција посветена на спречувањето и борбата против трговијата со луѓе, порача дека мора подобро да се заштитат и да им помогне на жртвите. „Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободите и безбедноста на секое општество. Нашата држава и земјите во регионот често играат улога во секоја од фазите на трговијата со луѓе, како земја на потекло, транзит или дестинација. Потребна е заедничка акција во која ќе се фокусираме на борбата со едно од најтемните реалности во светот денес, во која голем број на жени и мажи, момчиња и девојчиња се заробени“, вели Тренчевска.
Девет жртви на трговија со луѓе од кои осум женски и едно машко лице се евидентирани минатата година во Северна Македонија.Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Земја на потекло, транзит и крајна дестинација За разлика од порано, Република Северна Македонија сега е земја на крајна дестинација, земја на потекло и земја на транзит кога станува збор за трговијата со луѓе. И додека претходно жртвите беа речиси секогаш млади девојки од Југоисточна Европа, сега постои тренд на регрутирање на жртви од внатрешноста на нашата земја, но и од други земји од регионот. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, жртвите од трговијата со луѓе во минатото биле искористувани, главно, за сексуална експлоатација, а денес има случаи и на трудова експлоатација и трговија со деца за питачење или други форми на криминал.
Сѐ повеќе, елементите на експлоатацијата вклучуваат принудни бракови и трудова експлоатација во угостителски објект. Западно-балканската рута и натаму останува атрактивна за мигрантите, а извештаите на МВР, но и на оние од релевантни меѓународни организации укажуваат дека мигрантите, на нивниот пат до посакуваната дестинација, сè повеќе ги користат услугите на криумчарите, а имајќи ја предвид ранливоста на мигрантите, во многу случаи, тие од корисници на услуги, стануваат жртви на трговија со луѓе.За разлика од порано, Република Северна Македонија сега е земја на крајна дестинација, земја на потекло и земја на транзит кога станува збор за трговијата со луѓе.Фотографија: Regierung Nordmazedoniens
Повеќе пари од криумчарење луѓе отколку дрога
Повеќе пари се остваруваат и добиваат со криумчарење луѓе, отколку со криумчарење дроги. Ова е една промена која ја забележуваме во последнава декада и гледаме дека оваа појава се зачестува. Многу е јасно дека првиот чекор да се спречи и елиминира ваков феномен е да ја зајакнеме полициската соработка во регионот, вели заменик амбасадорот во германската амбасада во земјата, Ото Граф. Но, полициската активност навистина нема да биде доволна на крајот од денот затоа што ни е потребна социјалната компонента, бидејќи постојат голем број социјални прашања поврзани со овој феномен.
Граф вели дека луѓето мигрираат затоа што бараат подобри животни услови и смета дека е многу важно да обезбедиме дека работните услови секаде низ светот се подобруваат.
Регионалната конференција „Успешни заедно! Регионални согледувања и пристапи за спречување и борба против трговијата со луѓе“ се одржа во Скопје во организација на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ.