Најголемите фотоцентрали во Македонија како проект во изминатите неколку месеци се продадени од бизнисмените Даниел Лалков од Кавадарци и Саит Вокши од косовско Гнилане. Двајцата бизнисмени своите проектни компании ги продадоа на многу поголеми играчи од регионот и пошироко, иако засега е непознато за колкава сума.
Лалков е еден од најголемите кавадаречки бизнисмени, кој готовиот проект „Кав Сонце“ за производство на електрична енергија со моќност од 8,3 мегавати во близина на Кавадарци му го предава на словенечкиот енергетски гигамнт ГЕН-И, познат уште и како еден од најголемите трговци и снабдувачи на струја на слободниот пазар во Македонија.
Со превземањето, компанијата го добива името „ГЕН-И Кав Сонце“ со словенечкиот енергетски гигант како сопственик, на местото на Лалков и неговата фирма Ресурс ЛТДИ, која веќе има преземено неколку други проекти од областа на производство на енергија од обновливи извори.
Вокши пак како бизнисмен од Гнилане со МИТ Солар го подготвил теренот за влез на големата турска компанија ГРС, позната по тоа што освен енергетски, пошироко гради и големи стратешки објекти.
На местото на косовскиот бизнисмен, кој исто така има регистрирано други бизнис активности во енергетиката, во новоформираната компанија неговиот тим е заменет од повеќе турски управители. Според првичните информации на Комисијата за заштита на конкуренција, соларниот парк на МИТ Солар во Демир Капија би бил со моќност од 25 до 65 мегавати.
– Овие проекти пред да се продадат на поголемите играчи веќе имаат трансформирано земјиште, со сите дозволи и приклучок кон мрежата и се нарекуваат популарно „ready to build“, а може и веќе да се завршени со фотопанелите, за што има и таква варијанта, вели за „Фактор“ консултант кој побара неговото име да не излегува во јавност.
Најверојатно најголемата ваква продажба досега е извршена лани, кога „Скај Солар“ на Александар Влахо и Бесим Речи прејде во рацете на израелскиот титан за работа со недвижнини „Биг Енергиа Холдингс“.
Според информациите кои неофицијално ги добивме од „Биг Енергија Холдингс“, веќе се купени околу 900.000 метри квадратни земјиште во близина на Пробиштип, а десетици илјади метри квадратни од таа површина претходно била државно земјиште преземено заради дооформување на парцела за проектот „Скај Солар“.