11/05/2024 06:36
МАКТЕЛ

  

     

 

(ФОКУС) Манипулации со спортски ваучери: Дали федерации и клубови враќале дел од донираните пари на фирмите ослободени од данок?!

      

Антикорупциската комисија утврди дека финансирањето спортските субјекти преку ваучери резултира со нетранспарентност и неотчетност, што создава реален ризик за директно или посредно договарање меѓу спортска федерација или клуб како имател на ваучерот и даночниот обврзник, односно компанија што учествувала во финансирањето, а за сметка на тоа била ослободена од данок на добивка. По барање на ДКСК, постапуваше и Државниот завод за ревизија, кој констатираше дека Агенцијата за млади и спорт не воспоставила внатрешни контроли за законско користење на средствата што се трансферираат на спортските федерации, а воедно нотирала дека не биле предвидени критериуми за избор на членовите во Централната комисија задолжена за распределбата на спортските ваучери. Поради овие и ред други аномалии, антикорупционерите побараа и кривична одговорност за првиот човек на АМС, Наумче Мојсовски, како и за членовите на Централната комисија, чиј прв претседател бил Даниел Димевски, актуелен претседател на МОК. Додека Јавното обвинителство води предистрага, во која, како што веќе пишуваше „Фокус“, уште се испитува и закупот на Димевски на дел од СРЦ „Кале“ и издавање на дел од овој простор на подзакуп, владата предложи, а Собранието усвои законски измени, кои предвидуваат исплатите да ги врши директно државата, што претставува своевидно признание за дефектноста на претходниот ваучерски систем, чиј автор и реализатор е првиот човек на МОК.

   

По повод реизборот на Даниел Димевски за претседател на Македонскиот олимписки комитет, во ситуација кога голем број спортски федерации и работници се побунија и побараа негова смена, „Фокус“, во неколку наврати, ја обработуваше темата за работењето и дејствувањето на МОК и Димевски, кој пред да дојде на оваа позиција, беше и владин советник за спорт, а претходно и прв човек на кошаркарската федерација.

 

Во таа насока, го истражувавме спорниот закуп на дел од спортско-рекреативниот центар „Кале“ од страна на Димевски, во време кога тој му е советник за спорт на експремиерот Зоран Заев. Врз основа на документацијата со која располагаме и податоците што ги обезбедивме, утврдивме шема од поврзани компании, за кои соодветни постапки повеле надлежни институции.

   

     

Имено, компанија на Димевски прво го зела под закуп паркингот, но и базенот под Кале, кој сега е руина, но на тој простор има вцртана маркичка за изградба на голем спортски објект. Патем, договорот за закуп изнесувал 600 евра месечно, но Димевски не ги плаќал ниту овие средства, бидејќи пребивал стар, судски потврден долг од ЈП за стопанисување со спортски објекти кон негова фирма.

Сепак, тогаш реагираа опозицијата и Антикорупциската комисија, кои обвинија дека договорот е штетен, па набргу потоа Димевски и јавното претпријатие го раскинуваат. Веднаш потоа, претпријатието склучило нов договор за истиот имот, плус дополнителен простор, со друга фирма, на износ од илјада евра месечно. Меѓутоа, двете страни прават договор за цесија со Димевски, со цел повторно да се заобиколи обврската за плаќање закуп.

Инаку, договорите за закуп на дел од Кале и издавањето на дел од овој имот на подзакуп на приватни субјекти го испитуваат повеќе институции, меѓу кои Управата за јавни приходи и Финансиската полиција, а тоа е опфатено и со предистражната постапка што се води во Јавното обвинителство, иницијално отворена по наводите за нетранспарентно и неотчетно доделување спортски ваучери.

Прво, Државната комисија за спречување корупција утврди ризик од корупција во системот на државна помош преку т.н. спортски ваучери, кои практично претставуваат донации на приватни фирми кон спортски федерации и клубови, а за сметка на тоа се ослободени од данок на добивка. По барање на ДКСК, постапуваше и Државниот завод за ревизија, кој ги потврди наводите за нетранспарентно и неотчетно буџетско субвенционирање на спортот.

Како резултат на тоа, антикорупционерите иницираа кривична одговорност за првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, како и за членовите на владината комисија што ги доделуваат спортските ваучери. А, прв претседател на оваа комисија е токму актуелниот претседател на МОК, Димевски, кој во својата биографија самиот навел дека е автор и реализатор на ваучер-системот за поддршка на спортот.

Бидејќи во досегашните стории ставивме акцент на спорниот закуп на дел од Кале од страна на Димевски, а потоа и на закупот на спортската сала „Јане Сандански“ од страна на МОК, што на Комитетот му овозможува екстра-приходи преку комерцијална дејност, овојпат ќе се посветиме потемелно и подетално на спортските ваучери, кои достигнуваат 10 милиони евра годишно. Какви неправилности детектираа антикорупционерите и ревизорите?

НЕТРАНСПАРЕНТНОСТ И НЕОТЧЕТНОСТ

Сѐ почна откако Државната комисија за спречување корупција на колегиум одржан на 19.4.2021 година отвора предмет по допрен глас во врска со наводи за сомнежи за злоупотреба при издавање и користење ваучери на националните спортски федерации, спортски клубови, спортисти и други правни лица, како и за незаконски дејствија на лица вклучени во доделувањето ваучери во спортот.

Проверувајќи ја транспарентноста, отчетноста и контролата на доделувањето и користењето спортските ваучери, кои впрочем претставуваат средства од даночно ослободување на субјекти кои потоа се пренасочуваат кон спортот, ДКСК на 16.11.2021 година носи одлука врз основа на добиени информации од Агенцијата за млади и спорт и националните спортски федерации.

Притоа, анткорупционерите утврдиле низа аномалии. Една од нив се однесува на фактот што директорот на Агенцијата за млади и спорт не пропишал форма и содржина на извештаите за националните федерации и правните лица со дејност спорт како корисници на средства од даночно ослободување, во кои треба да прикажат колку средства примиле, од кого примиле по овој основ и за каква намена тие се потрошени.

Од доставените одговори на националните спортски федерации може да се увиди дека извештајноста во услови на немање унифициран образец се сведува на волунтаризам во известувањето во однос на формата, а прикажаните податоци се нејасни и недоволни“, стои во одлуката на Комисијата, која уште наведува дека АМС не изрекла никакви глоби согласно Законот за спорт.

Во ситуација кога нема формално изготвени унифицирани обрасци за извештаи, антикорупционерите оцениле дека финансирањето на субјектите од дејноста спорт преку систем на ваучери резултира во „очигледна практика на нетранспарентност и неотчетност во извештајноста на најголем број корисници од средствата од даночно ослободување според Законот за добивка“.

Тоа создава можност, иако постои законска забрана дека средствата не смеат по кој било основ да се враќаат кај трговското друштво што учествувало во финансирањето, сепак во практика дел од средствата да бидат вратени“, наведува Комисијата, според која нетранспарентноста и неотчетноста создава реален ризик за директно или посредно договарање меѓу имателот на ваучерот и даночниот обврзник.

Со други зборови, овој систем на спортски ваучери предвидува приватна компанија да оствари право на даночно ослободување, односно таа издвојува средства за поддршка кон спортска федерација или спортски клуб, додека за износот на донираните средства и се намалува пресметаниот данок на добивка. Арно ама, Антикорупциската комисија смета дека постои ризик за договарање, со цел дел од донираните средства да бидат вратени назад на компанијата.

Згора на тоа, антикорупционерите нашле забелешки и за Централната комисија што ги доделува овие ваучери. Се работи за комисија за евалуација на предлог-листата на добитници на ваучери, која се избира на предлог на владата, но без да се наведат критериуми кој може да биде нејзин член, што создава ризик од политичко влијание при изборот и составот на оваа комисија, а со тоа и при доделување на ваучерите.

РИЗИЦИ И СЛАБОСТИ

Исто така, Државната комисија за спречување корупција навела дека Агенцијата за млади и спорт има само двајца инспектори што треба да вршат контрола за наменско трошење на средствата најмалку еднаш годишно, што значи дека АМС нема капацитет за ваква контрола. Во одлуката донесена во 2021 година се наведува дека немало ниту информатички спортски систем на Агенцијата, како и ред други слабости.

На крајот, антикорупционерите изготвиле анализа на извештаите на националните спортски федерации, од која произлегува дека повеќето извештаи биле форма без суштина. Потоа, 90 отсто од доделените средства се користеле за плати, хонорари и договор на дело, додека средствата за плати не се контролирале, од причина што спортските клубови до АМС не доставиле правилник. Не се знаело ниту кои се корисници на тие средства, ниту какви биле нивните обврски.

Понатаму, оваа анализа покажала дека, иако имало таква законска обврска, федерациите не доставувале извештај најдоцна до 15 март за тоа колку средства примиле претходната година, од кого примиле и за кои намени се потрошени тие средства. Дури, 70 отсто од федерациите не го објавиле извештајот на својата веб-страна од 15 март до 15 јуни, со исклучок на само неколку федерации што имале посериозен пристап.

Во отсуство на правилник со кои ќе се дефинира формата и содржината на извештаите, кои федерациите и клубовите ги доставуваат до АМС, извештаите не може да се користат за анализи за наменско користење, планирање активности и долгорочно стратешко планирање за поддршка на спортот“, нотира ДКСК, посочувајќи дека нејасно е и како Централната комисија спровела постапка за рангирање и доделување средства за ваучери.

Со цел намалување на констатираните ризици и слабости во системот на финансирање во спортот преку ваучери, Антикорупциската комисија побарала директорот на АМС да пропише форма и содржина за извештаите на федерациите-корисници на средства од даночно ослободување, како и да ангажира дополнителен број инспектори што ќе вршат инспекција врз доделувањето спортски ваучери.

Покрај тоа, ДКСК упатила препораки и до Министерството за правда да се преиспита системот на финансирање на спортот преку ваучери и предложила средствата да се доделуваат по пат на договор со АМС врз основа на приложен план и програма, наместо преку ваучери без критериуми. Бил побаран и инспекциски надзор врз работата на Централната комисија и да се преиспита законското решение за избор на членови.

На крајот, антикорупционерите побарале и Државниот завод за ревизија да изврши финансиска ревизија на Агенцијата за млади и спорт и продолжена ревизија на националните спортски федерации што добиле највисок износ на средства за користењето ваучери. Впрочем, ДКСК побарала оваа ревизија да се предвиди во годишниот план за работа на ДЗР за 2022 година, што така и се случило.

Така, во ноември истата година, ДЗР објавил конечен извештај за извршена ревизија на финансиски и извештаи и ревизија на усогласеност на Агенцијата за млади и спорт за 2021 година, при што ревизорите изразиле негативно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.

ДЕЛЕЊЕ СРЕДСТВА БЕЗ КРИТЕРИУМИ

Во тој контекст, извршената ревизија покажала дека Агенцијата за млади и спорт не воспоставила соодветни внатрешни контроли што треба да го обезбедат наменското и законското користење на средствата кои се трансферираат на Националните спортски федерации за реализација на нивните активности. За време на ревизијата, директор на АМС е Мојсоски, кој на оваа функција е од крајот на 2020 година до денес.

„АМС не изградила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди систем на објективна, пропорционална праведна финансиска поддршка на федерациите согласно краткорочни и долгорочни приоритетни активности, а склучените договори со федерациите не содржат одредби со кои ќе се допрецизира намената на одобрените средства“, констатирале ревизорите, утврдувајќи дека дел од финансиските извештаи за потрошените средства кои се трансферирани кон спортските федерации не содржат целосна документација.

Конкретно, ДЗР ја анализирал финансиската поддршка на спортот преку владините програми за развој на спорт и млади и за распределба на средства од игри на среќа и забавни игри, врз основа на кои во буџетот биле предвидени 85 милиони денари, а патем АМС остварила дополнителни приходи од 166 милиони денари. Според Заводот, не се поставени критериуми за распределба на средствата и за начинот на одлучување и контрола на вистинитоста на податоците што се искажани во барањата што ги доставуваат федерациите.

Како резултат на наведеното, АМС не воспоставила соодветни критериуми за распределба на средствата од програмите согласно Законот за спорт и систем на објективна, пропорционална и соодветна финансиска поддршка на НСФ согласно краткорочни и долгорочни приоритетни активности. Притоа е извршено неправилно алоцирање на буџетските средства по поедини федерации“, стои во ревизорскиот извештај.

Од извршената анализа на програмите за развој на спорт и млади и за распределба на средства од игри на среќа и забавните игри за финансирање на спортските федерации, клубови и проекти на АМС за унапредување на спортот, ревизорите утврдиле дека тие содржат само општи насоки во поглед на наменското користење на средствата, кои се распределуваат кон националните спортски федерации.

По донесувањето на Одлуката за распределба на средства до федерациите, АМС пристапува кон склучување договори. Од увидот во текстот на овие договори што ни беа презентирани, утврдивме дека тие не нудат дополнителни информации во поглед на конкретните намени на одобрените средства во однос на намените што се наведени во Програмите, иако при аплицирањето овие федерации конкурираат со конкретни спортски активности и проекти“, се наведува во извештајот.

Во него уште се додава дека АМС нема пропишано соодветна форма и содржина на финансиски извештај, кој треба да го изработуваат федерациите, преку кој ќе се изврши поврзување на наменското трошење на средствата со финансиските извештаи и финансиска документација, како потврда на направените трошоци и ефикасна финансиска контрола. Непрецизирањето на активностите финансирани со средства на Агенцијата, според ДЗР, не овозможува вршење ефикасна контрола.

„Наведените слабости создаваат и можност корисниците на средствата да ги употребуваат доделените средства за цели различни од одобрените со склучените договори, без за истото да побараат соодветно одобрение од АМС согласно Правилникот за распределба на средства за остварување на јавниот интерес во спортот“, констатирале ревизорите во однос на владините програми преку кои се остварува јавниот интерес за поддршка на спортот.

РАЗЛИКА МЕЃУ СРЕДСТВА И ТРОШОЦИ

Веднаш потоа, ревизорите се осврнуваат и на т.н. спортски ваучери, предвидени со Законот за данок на добивка, кој на даночните обврзници им овозможува даночни олеснувања, односно намалување на пресметаниот данок на добивка во висина од донираните средства на спортски субјекти најмногу до 50 отсто од пресметаниот данок. А, правото на ова даночно олеснување се остварува врз основа на издаден ваучер во постапка утврдени согласно Законот за спорт.

За време на 2021 година, која била предмет на ревизијата, по овој основ државата се откажала од наплата на 10 милиони денари данок на добивка, кои биле распределени со издадени ваучери на 46 национални спортски федерации, 664 спортски клубови и 174 индивидуални спортисти. Распределбата на овие средства се врши од страна на Централна комисија, но, според ДЗР, во Законот за спорт не се наведени „соодветни критериуми и услови што треба да ги исполнат номинираните членови на оваа комисија“.

„Со оглед на тоа што во составот на комисијата и Советот за спорт делумно е пополнет и со поранешни спортисти кои имале ангажмани во спортски клубови, а не постојат такви критериуми со кои може да се спречи судирот на интереси предвиден со Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, дел од нив имаат тековни ангажмани во спортски клубови кои го остваруваат правото на издавање ваучер“, стои во извештајот.

Освен тоа, ревизорите обрнале внимание и на рангирањето на спортските федерации, спортските клубови и индивидуалните спортисти врз основа на Правилник за поблиски критериуми за користење на средствата од даночно ослободување, начинот на бодување и рангирање, како и формата и содржината на барањето за користење на средствата од даночно ослободување. Овој правилник дава можности за изработка на ранг-листи на заинтересираните субјекти за остварување на правото за доделување ваучер, меѓутоа нема предвидено начин на пресметка на точниот износ на средства што се доделуваат.

Листите на активни спортисти се изготвуваат врз основа на ранг-листи доставени од страна на федерациите, при што комисијата и Советот за спорт немаат можност да вршат додавање спортисти за кои имаат информации дека постои можност да им биде доделен ваучер, но од субјективни причини не биле дел од листата доставена од федерациите. Како резултат на ова се јавува можност од фаворизирање поедини федерации, клубови и активни спортисти “, стои во извештајот.

Исто така, ДЗР извршил и анализа на листата на субјекти кои го оствариле ова право на спортски ваучер, при што утврдиле „нелогичности во определувањето на бројот на спортисти по поедини спортски дисциплини на кој им се одобрени средства со ваучер, како и висината на одобрени средства, при што во поедини дисциплини определениот број на активни спортисти е диспропорционално висок во однос и на активните спортисти во таа спортска дисциплина, како и во однос на други спортски дисциплини со подолга традиција на остварени спортски резултати и масовност“.

И покрај тоа што сите спортски федерации и субјекти-корисници на спортски ваучери имаат обврска до АМС да достават извештај во врска со наменското трошење на доделените средства од даночно ослободување, како и овие извештаи и извештаите од активните спортисти да ги објават на својата веб-страница, додека пропишувањето на формата и содржината на извештаите како контролата на трошењето е предвидено да го врши АМС, повторно биле утврдени низа неправилности и пропусти.

Како што стои во ревизорскиот извештај, дел од корисниците на средствата не доставиле извештај, додека еден дел воопшто немаат активни веб-страници. Од оние субјекти што ги доставиле извештаите, пак, кај голем дел се прикажани трошоци во износи кои се значително пониски од доделените средства, при што не се презентирани објаснувања за разликата или воопшто не се прикажани трошоци.

ПРОМЕНА НА МОДЕЛОТ

Како дополнителен проблем нотиран од ДЗР се јавува и тоа што Законот за спорт не пропишал обврска субјекти-корисници на спортски ваучери да достават соодветна поткрепувачка документација (фактури, банкарски изводи…) како прилог кон доставените извештаи. Па, се констатира дека прикажаните информации се недоволни и во извештаите е дадено само тврдење за направените трошоци, чија објективност не може да се провери поради недостигот од поткрепувачка документација.

Како резултат на наведените слабости, а со оглед на тоа што имателите на ваучер имаат обврска самите да пронајдат даночен обврзник заинтересиран да донира финансиски средства и да го оствари правото за даночно ослободување, се јавува ризик дел од донираните средства да бидат вратени кај даночниот обврзник, поради што постои можност од договарање меѓу имателот на ваучер и даночниот обврзник“, стои во ревизорскиот извештај.

Оттука, Државниот завод за ревизија му препорачал на раководството на Агенцијата за млади и спорт да преземе низа мерки и активности, меѓу кои да се воспостават соодветни критериуми за избор на членови на Централната комисија за евалуација на предлог-листите за доделување ваучери, како и објективни и мерливи критериуми за избор, кои ќе обезбедат праведна финансиска поддршка, а барањето за користење средства од даночно ослободување да се доставува од страна на сите заинтересирани спортски субјекти без инволвирање на федерацијата.

„Во соработка со владата и надлежните државни институции да обезбеди услови за ефикасна квантитативна и квалитативна контрола на исплатените средства по овој основ. Да се изврши промена на системот на исплата и средствата по овој основ да им се исплаќаат на субјектите од страна на државен орган. Да се изнајде решение за анализа на функционалноста и ажурноста на веб-страните на федерации и од оние за кои ќе се утврдат недостатоци во овој дел да се побара итно надминување“, стои во препораките на ревизорите.

За сите овие забелешки се произнела и Агенцијата за млади и спорт, која  отфрлила најголем дел од констатациите на ревизорите. Меѓу нив се забелешките за Централната комисија за спортски ваучери, за што АМС посочи дека таа врши евалуација и проверка на предлог-листата на спортски клубови и активни спортисти, додека средствата по основ на даночно ослободување се врши од страна на одговорно лице во орган на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, по предлог на Советот за спорт.

Сепак, Агенцијата делумно ја прифатила забелешката за потенцијален судир на интереси кај некои членови во Централната комисија за спортски ваучери, истакнувајќи дека претседателот и 6-те члена на оваа комисија ги избира Владата и забелешката за утврдување на критериуми при избор на членови треба да биде адресирана на Илинденска. Воедно, од АМС посочиле дека добиле мислење од ДКСК во врска со можен судир на интереси по кое постапуваат.

„Во целост се сложуваме“ – вака АМС одговорила на забелешките дека треба да врши засилени контроли врз начинот на кој се трошат буџетските средства за поддршка на спортот. Ист бил одговорот и на ревизорското барање да се избрише промена на системот на плаќање, така што тие би се вршеле директно од државен орган кон субјектите-корисници. Но и за двете работи Агенцијата тежиштето го префрла кон Владата, бидејќи таму требало да се донесе решение.

Кон крајот на ланската 2023 година, прво беше изместен Законот за данок на добивка, со што фактички се укинаа спортските ваучери според моделот на даночно ослободување. Односно, се промени начинот на реализација, така што државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти што ќе имаат право на спортски ваучер. За таа цел, АМС и Министерството за правда подготвија нов Закон за спорт, кој Собранието го изгласа во февруари годинава без ниту еден глас против.

КОРИСТ ЗА СЕБЕ И ДРУГИ

По утврдените слабости на ревизорите, се донесоа законски измени кои предвидоа финансиски поттикнувања преку директна државна помош за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт, подигнување на спортот на повисоко ниво во земјата и остварување на подобри резултати во домашни рамки и на меѓународно ниво.

На тој начин, се распушти дотогашниот модел на директно преговарање и договарање меѓу спортски федерации и клубови, од една страна, и приватни компании, од друга страна, за поддршка на фирмата кон спортот, а за сметка на тоа државата да ја ослободи од даночно ослободување. Наместо тоа, државата отсега ќе си го прибира данокот во целост и директно ќе ги исплатат средствата кон федерациите и клубовите.

Покрај тоа што ревизорскиот извештај влијаеше врз извршната и законодавната власт да предложат/усвојат законски измени за промена на процедурата за реализација на спортски ваучери, таа влијаеше и врз Антикорупциската комисија, која претходно ја побара ревизијата, па врз основа на наводите на ревизорите на 3.2.2023 година побара кривично гонење од одговорни лица во АМС и на централните комисии за доделување ваучери поради несовесно извршување службена должност.

Освен што се повикува на констатираните слабости на ревизорите, антикорупционерите одлуката ја поткрепуваат и на своја претходна и дополнителна работа. Меѓу другото, во нивната иницијатива за кривично гонење стои дека АМС, наместо да донесе Правилник за формата и содржината на извештаите на националните федерации, таа донела одлука, која нема никакво правно обврзувачко дејство.

Таа нема извршна сила во правниот промет и не произведува обврски за корисниците на средствата. Таа не е општ акт, туку поединечен, во смисла на тоа дека нејзиното спроведување зависи од тој што ја донел – а тоа е Агенцијата. Немањето правилник претставува сериозна пречка во контролата на наменското користење на средствата од ваучерот, што како состојба во континуитет се повторува од 2020, во 2021 и во 2022 година“,  потенцира ДКСК.

Во отсуство на пропис како треба да изгледаат извештаите, секоја федерација праќала произволен извештај. Некои корисници праќале само извештај дека средствата биле потрошени за плати на тренери, играчи и управа. Оттука, ДКСК смета дека постојат бројни недостатоци кои претставуваат ризици од корупција, што се однесува, не само на АМС и релацијата со федерациите и клубовите-корисници на државна помош, туку и на комисијата што ги дели спортските ваучери.

Односно, антикорупционерите утврдиле дека претседател на оваа комисија бил вработен во Агенцијата за млади и спорт, што значи дека постои реален  ризик и сомнеж дека тој со искористување на своите овластувања и положба остварил противправна имотна корист за себе и за други лица. Притоа, се наведува уште еден момент – во 2021 година била разрешена старата и била назначена нова Централна комисија со мандат од 4 години на предлог на владата, но не било јасно кои тројца членови биле разрешени.

„Овде ДКСК препознава висок ризик за влијание врз работата на Централната комисија, а преку тоа и врз доделувањето на средствата од ваучерите. Промената на составот на Централната комисија секоја година оди во прилог на ова. При ваков начин на избор на членови, постоењето личен интерес кај дел од нив и ризик за трговија со влијание, ја доведува во сомнеж законитоста на работата на Централната комисија во 2020, 2021 и во 2022 година“, нотира Антикорупциската комисија.

ПЕГЛАЊЕ И ЗАЕДНИЧКА ПОДЕЛБА

Во поткрепа на тоа дека имало политичко влијание врз работата на оваа комисија, антикорупционерите навеле дека таа при распределбата на ваучерите во 2020 година утврдила т.н. принципи, начела и заклучоци, со што се ставила над Законот. Во еден од членовите на заклучоците стоело дека комисијата пред поделбата ќе организира работни средби со федерациите, со цел заедно да ги испеглаат работите и заеднички да се направат поделбата.

„Централната комисија во континуитет не вршела евалуација и не предлагала корисници на ваучери според механизмите предвидени во Законот за спорт, односно согласно Правилникот за критериуми за користење средства од даночно ослободување, туку тоа го правеле преку пеглање на работите со федерациите и правење заедничка поделба, што остава простор за лично и политичко влијание врз нејзините членови“, вели ДКСК во иницијативата кривичен прогон.

Треба да се наведе дека ДСКК напоменува оти комисијата вршела незаконска распределба на спортски ваучери на повластени корисници – федерации и клубови, согласно интересот на поединци, групи, па и партии. Во тој правец оди утврдената фактичка состојба дека комисијата им одобрувала спортски ваучери и на субјекти кои немале право на такво нешто. Еден од нив бил МОК, кој доби ваучер иако не го исполнувал условот да биде активен правен субјект со решение за спорт најмалку 2 години.

Како што е познато, актуелен претседател на МОК е Димевски, кој дојде на оваа позиција кон крајот на 2020 година, откако претходно 3 години, во периодот од 2017 до 2020 година, му беше советник за спорт на Заев. Тој беше и прв претседател на Централната комисија за доделување спортски ваучери, а во неговата официјална биографија самиот навел дека е автор, но и реализатор на ваучерскиот систем за финансиска поддршка во спортот.

Откако ДКСК достави иницијатива за кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт Мојсовски и членовите на Централната комисија, Димевски побара оставка од Мојсовски. Во писмо до вицепремиерката за добро владеење Славица Грчковска, Димевски пишува дека негативно е оценета работата на АМС по сите точки и основи, а  раководството „продолжува со истите криминални практики“.

„Ја повикуваме владата да го исполни јавно даденото ветување за чесно, одговорно и транспарентно работење на од вас избраните и поставени функционери и да го разрешите директорот и комисиите поставени од него и да назначите нови, чесни и професионални лица кои доследно ќе го применуваат законот, правилниците и критериумите за доделување на средства на сите спортски субјекти“, напиша првиот човек на МОК.

Веднаш возврати Мојсоски, кој, пак, за Димевски напиша: „Човекот е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот во 2020 година кумулира две функции – Претседател на централната комисија за доделување на спортски ваучери, член на управниот одбор на МОК а подоцна и негов претседател, и во исто време истата таа 2020 година побарува износ од 15 милиони денари за МОК, иако таа институција во тој момент не ги исполнува законските услови за регулирана спортска дејност“.

Настрана ова препукување на релација Мојсоски – Димевски, антикорупционерите и ревизорите јасно ги детектираа ризиците за корупција и сомнежите за незаконитост, како во Агенцијата за млади и спорт, така и во централните комисии кои ги прават листите за  доделување на спортски ваучери. Сега, останува сите факти и аспекти да ги утврди и одговорноста да ја лоцира обвинителството, кое, како што нѐ информираа од таму, води предистражна постапка.

    

Најново

Спикерското место камен на сопнување, Мицкоски утре седнува на маса со лидерите на „Вреди“

Sase Ivanovski

Популарната плажа „Навагио“ на грчкиот остров Закинтос и оваа лето затворена за туристи

Sase Ivanovski

Борел-Вархеји: Изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, но изборниот процес останува недоволно регулиран

Sase Ivanovski

Руската Дума го изгласа Мишустин за премиер

Sase Ivanovski

Кочанчанец дивеел во кафуле и со пиштол удрил девојка, полицијата го приведе

Sase Ivanovski

Рот: Десниот национализам триумфираше во С. Македонија, сериозен удар за ЕУ амбициите

Sase Ivanovski

Чернева: Одлагањето на уставните измени е трагична загуба на време за Северна Македонија

Sase Ivanovski

Филипче: СДСМ ќе мора да помине низ длабока внатрешна реформа и реорганизација

Sase Ivanovski

Салвини: Политичарите кои се залагаат за испраќање трупи во Украина се опасни

Sase Ivanovski

Бешлиоска: Има одлив на медицински сестри во странство

Sase Ivanovski

Кејт Мидлтон храбро се справува со ужасната дијагноза, тврди принцот Вилијам

Sase Ivanovski

ДИК: Досега не се понднесени приговори за двојните избори на 8 мај

Sase Ivanovski

Израелски војници се обучуваат за можна голема војна со Либан

Sase Ivanovski

Џафери: Спроведовме европски избори во слободни, фер и демократски процеси

Sase Ivanovski

Токсиколошката лабораторија ќе работи незаконски додека да се формира нова влада

Sase Ivanovski

ВИДЕО | Аналитичари: Можно е да се иситни Европскиот фронт на ДУИ, некои пратеници да заминат со ВМРО-ДПМНЕ

Sase Ivanovski

Новиот шкотски премиер верува дека земјата ќе стане независна во следните пет години

Sase Ivanovski

За Дачиќ е „срамно и безобразно“ Црна Гора да гласа за резолуцијата за Сребреница

Sase Ivanovski

Арсовска до Џафери: Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос, не е ни очекувано да знае што е негова обврска

Sase Ivanovski

Нема веќе предавници на чело на државата

Sase Ivanovski

Израел незапирливо расте во обложувалниците: по свирежите, пејачката Еден Голан поздравена со овации

Sase Ivanovski

Писториус: И Германија размислува за забрана за испраќање оружје во Израел

Sase Ivanovski

Белгиската телевизија го прекина настапот на Израел на Евровизија, во знак на протест поради Газа

Sase Ivanovski

Џафери ја повика Арсовска да ја искоси тревата во дворот на Владата

Sase Ivanovski

Мицкоски: Имаме сигнали од поединци од други коалиции да консолидираме 61 пратеник, а со „Вреди“ да имаме до 75 пратеници

Sase Ivanovski

ЗАРАДИ ЛОШИОТ ИЗБОРЕН РЕЗУЛТАТ, СЕ БАРА ОСТАВКА ОД АРСОВСКА: „По ваквиот резултат јасно е дека таа го загуби кредибилитетот да го води Скопје„, вели Стефковски

Sase Ivanovski

НАЈЧЕВСКА ПРАШУВА ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ НА ЛЕВИЦА: Која иднина ја нудат пратениците од оваа партија?

Sase Ivanovski

„СЕ ГЛЕДАМЕ ВО НОВИОТ СОБРАНИСКИ СОСТАВ“: Да ги преброиме зулумите, да ги израмниме есапите, порача Апасиев

Sase Ivanovski

Бучковски: На ВМРО-ДПМНЕ ќе му треба коалиција со двотретинско мнозинство за да ги исполни ветувањата

Sase Ivanovski

ПАДНА УШТЕ ЕДНА ОСТАВКА ВО НИЗАТА: И Лукаревска заминува од подпретседателското место во СДСМ

Sase Ivanovski

АНГЕЛОВ ЗА ДИВО НАСЕЉЕ: Се ќе беше поинаку доколку, оние кои требаше, го сфатеа сериозно моето предупредување

Sase Ivanovski

Франција се залага за подобра заштита на жртвите на сексуално насилство во армијата

Sase Ivanovski

Студентите во Бразил се приклучија на глобалниот протест за поддршка на Палестинците во Газа

Sase Ivanovski

Карпошани со претставка до полицијата ќе бараат поголема безбедност во општината

Sase Ivanovski

НИКОЛОВСКИ: Пред нас следува период на внатрешна реформа и реорганизација, по која СДСМ ќе биде обединет

Sase Ivanovski

Домашниот туризам расте во Кина, иако странците се држат настрана

Sase Ivanovski

Стигна казната, изостана катарзата

Sase Ivanovski

Експерти од САД и ЕУ: Македонија да остане на проевропскиот курс и да внимава од руското влијание

Sase Ivanovski

Пендаровски ќе се откаже од привилегиите и се враќа како професор на меѓународниот универзитет Американ Колеџ Скопје

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Автобус полн со патници падна во река во Санкт Петербург – загинаа 7 луѓе

Sase Ivanovski

Џафери: Составот на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандат

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Почнуваат преговорите, три до четири министерства за ВРЕДИ во новата Влада

Sase Ivanovski

Старо-нови пратеници ќе му служат на народот за 1.828 евра плата месечно!

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Мицкоски на средба со коалицијата „Твоја Македонија“, разговарале за формирање на идната Влада

Sase Ivanovski

Во Јужна Кореја, златото може да се купи во супермаркет, заедно со колбаси, тестенини и друга храна

Sase Ivanovski

Буенос Аирес парализиран, втор генерален штрајк во последниве пет месеци

Sase Ivanovski

Кочишки: Иднината во ЕУ сигурно ќе биде подобра за нашата држава и градови

Sase Ivanovski

Израел планира повеќе помали воени операции во Рафа, изјави египетски функционер

Sase Ivanovski

Кредит од 1милијарда од странска влада најавува Мицковски. Во ТИРЗ ќе дошле две инвестиции ама прво да го сменат директорот, социјалдемократот Деспотовски

Sase Ivanovski

ЕК обезбеди 50 милиони евра макрофинансиска помош за земјава

Sase Ivanovski

Египет ги повика Хамас и Израел да покажат флексибилност и да постигнат договор за прекин на огнот во Газа што е можно поскоро

Sase Ivanovski

Двајца скијачи загинаa во лавина на планина во Јута

Sase Ivanovski

Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и деца

Sase Ivanovski

Ангеловска-Бежоска: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ

Sase Ivanovski

Во Штутгарт нападнати двајца пратеници на АфД, осомничени две девојки на возраст од 19 и 23 години

Sase Ivanovski

Маж нападна жена во Париз и застрела двајца полицајци откако е приведен во полициска станица

Sase Ivanovski

ЦУК: Паднато дрво на бул. „Александар Македонски“ во Автокоманда

Sase Ivanovski

Амнести предупреди на раст на смртноста кај цивилите во случај на копнена офанзива во Рафа

Sase Ivanovski

Орбан: Унгарија го поддржува мировниот план на Кина за Украина

Sase Ivanovski

Роберт Саздов и Стојне Николова ќе избираат нова македонска музичка ѕвезда!

Sase Ivanovski

Одлуката ќе биде донесена вечерва: Воениот кабинет на Израел свика „судбоносен состанок“

Sase Ivanovski

Алармантно на Рафа: Преминот блокиран, нема гориво и медицински материјали

Sase Ivanovski

Адеми: Говорот на Ковачевски беше силен и инспиративен

Sase Ivanovski

Најмладиот син на Трамп влегува во политика

Sase Ivanovski

Митева: Новиот пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде гласот на граѓаните, ќе ја оправда довербата дадена од граѓаните и ќе ги штити македонските национални интереси

Sase Ivanovski

Претрес во Кочани, пронајден пиштол, приведен насилник

Sase Ivanovski

ЧАО ЕУ: Ако Бугарија не е подготвена на отстапки, би се свртеле кон домашната агенда и би чекале нова гарнитура во Софија, вели Мицкоски

Sase Ivanovski

Герасимовски: Лицата со попреченост ќе може да користат бесплатен превоз до болница, издвоивме 500.000 денатри за оваа намена

Sase Ivanovski

Честитки за победата на Гордана Сиљановска-Давкова пристигнуваат од региониот и Европа

Sase Ivanovski

САД изрече стотици нови санкции насочени кон Русија

Sase Ivanovski

АНАЛИЗА: Капиталните инвестиции во првиот „предизборен“ квартал на ниво од 14,5 отсто – дел од ресорите со 0 реализација

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Ахмети: „Ако не влеземе во влада, ќе влеземе во Европа“

Sase Ivanovski

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Sase Ivanovski

Ветувања во партиските изборни програми: во здравството ќе тече „мед и млеко“

Sase Ivanovski

Албанскиот театар од Скопје ја изведе „Диво месо“ од Горан Стефановски во Тирана

Sase Ivanovski

Бајден ја запре испораката на оружје за Израел поради нападот врз Рафах

Sase Ivanovski

Владимир Кара-Мурза добитник на Пулицерова награда за колумни што ги пишувал во затворска ќелија

Sase Ivanovski

Бесплатни работилници за филм наменети за млади од 15 до 25 години

Sase Ivanovski

Слухот вратен на глуво едногодишно девојче со помош на пионерска генетска терапија

Sase Ivanovski

В недела инаугурација на Силјановска Давкова за претседателка

Sase Ivanovski
Вчитувам....